понеделник, 11 мај 2026

Макрон најави инвестиции од 23 милијарди евра во Африка

Францускиот претседател Емануел Макрон денес најави инвестиции од 23 милијарди евра во Африка, насочени кон енергетската транзиција, дигитализацијата, вештачката интелигенција, поморската економија и земјоделството.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Макрон тоа го соопшти на дводневниот самит „Африка напред“ во Најроби, на кој се собраа десетици африкански шефови на држави и деловни лидери, а има цел обновување на францускиот ангажман на африканскиот континент.

Од вкупната сума, 14 милијарди евра би требало да дојдат од француски јавни и приватни субјекти, додека девет милијарди евра би требало да обезбедат африкански инвеститори.

Макрон наведе дека овие инвестиции ќе создадат 250.000 директни работни места на двата континенти.

„Ние не сме тука само за да инвестираме заедно со вас на африканскиот континент — сакаме и големи африкански стопанственици да дојдат да инвестираат во Франција“, порача Макрон.

Тој оцени дека денешниот однос меѓу Франција и Африка е „целосно ослободен од товарот на минатото“.

Макрон ги повика африканските лидери да го подобрат управувањето и да престанат целата одговорност за сегашните проблеми да ја префрлаат врз колонијализмот. Исто така најави дека процесот на враќање на африканските уметнички дела ограбени во колонијалниот период станал „незапирлив“.

Францускиот претседател ја позиционираше Европа како посигурен партнер од Кина и Соединетите Американски Држави, критикувајќи ја Кина поради „предаторскиот пристап“ кон критичните минерали.

Самитот во Кенија претставува обид на Париз да ги обнови односите со африканските земји по повеќегодишните тензии со поранешните колонии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ