Во најавата за посетата на Македонија на еврокомесарката за проширување Марта Кос беа предвидени средби со премиерот Христијан Мицкоски, со претседателот на Собранието Африм Гаши, со претставници на Владата, на граѓанското општество, организации на младите… Претходните еврокомесари за проширување, на пример Јоханес Хан и Оливер Вархеј при посетите во Македонија често имаа одвоени средби и со власта и со опозицијата. ЕУ традиционално сака да покаже политичка неутралност и да ги слушне сите релевантни парламентарни актери.
Искусните дипломати веднаш го регистрираа овој потег на Кос, кoја за време на посетата на Македонија не се сретна со опозицијата. Јасно е дека се работи за дипломатска порака до опозицијата во однос на нивниот негативен став за договор за измените во Изборниот законик.
Посетата се одржа во момент кога Владата инсистираше на отворање разговори за измените на Изборниот законик, опозицијата јавно реагираше дека процесот не смее да се води без поширок политички консензус, а Европската унија повеќепати претходно нагласуваше дека изборното законодавство треба да биде резултат на широк политички договор.
Кос во однос на ова прашање за време на посетата повика на широк меѓупартиски дијалог, но не одржа одделни средби со лидерите на најголемите опозициски партии. Токму ова отвори простор за различни политички толкувања околу пораката што сакала да ја испрати.
А.Д.





