„Коњите веќе се користеле на софистициран и широко распространет начин пред да можеме прецизно да го одредиме целосното припитомување. Овој јаз го менува начинот на кој ја разбираме човечката историја“, рече Фолкер Хајде, професор на Универзитетот во Хелсинки и еден од водечките автори на студијата, додавајќи:
„Улогата на коњите во големите историски настани е речиси неизмерлива, па оттука и изреката дека светот бил освоен на коњи“.
Од масовните преселби на евроазиските номадски групи, како што се Хуните, Аварите, Унгарците и Монголската империја, до нивната одлучувачка улога во војувањето (сè до Првата и Втората светска војна), коњите биле во центарот на човечките конфликти и експанзија. Тие, исто така, ги придружувале конквистадорите преку Атлантикот до Америка и служеле како основно средство за транспорт низ поголемиот дел од светот сè до појавата на индустријализацијата и моторизацијата.
Денес, вистински диви коњи повеќе не постојат. Дури и Пржевалскиот коњ, кој долго време се сметаше за жив реликт од дивината, сега е познато дека потекнува од раните припитомени популации, што покажува колку длабоко луѓето ги обликувале популациите на коњи со текот на времето.
Тајмингот е важен. Помеѓу 3500 и 3000 година п.н.е., степските популации почнале да продираат на исток и запад низ Евроазија. Тие го донеле тркалото со себе. Говедата ги влечеле првите коли. Коњите пристигнале во исто време. Јавачот можел за неколку часа да помине растојание за кое со кола биле потребни денови, но двете иновации биле клучни за мобилноста и транспортот, носејќи револуција во човечкото општество.
Истражувачите сега го поврзуваат овој скок во мобилноста со ширењето на праиндоевропските јазици. Коњот ги носел луѓето. А со нив и зборовите. Јазиците што се зборуваат денес низ поголемиот дел од Европа и Азија ги влечат своите корени до тие рани коњаници и возачи на кочии.
„Денес, коњите се извор на фасцинација, другарство и пријателство за многу луѓе. Затоа е важно да се научи за најраните фази од врската меѓу луѓето и коњите и како првично се појавило ова уникатно партнерство“, рече Фолкер Хајд.






