Проектните активности почнаа со археолошки истражувања на Преспанското Езеро кога беше откриен редок органски материјал и невообичаени факти за древните жители, потоа со конзерваторски активности на ѕидното сликарство на црквата Св. Петка во село Брајчино, а неодамна продолжија со архитектонско и етнолошко документирање на културното наследство, посочи д-р Мери Стојанова, кустос советник во НУ Завод и Музеј-Битола, воедно координаторка на проектот ACT4PRESPA.
„Нашите анализи упатуваат дека средновековните жители во Преспа, главно се занимавале со земјоделство, а не со риболов, факт кој изненадува со оглед на близината на езерото. Исклучителните наоди кои беа откриени за време на сондажните археолошки истражувања во близина на селото Наколец, се од непроценлива важност не само за македонската археологија, туку воопшто за балканската и европската археологија. Тие го збогатуваат културното наследство на Преспа, претставуваат додадена вредност на останатото културно наследство, и како такви може да претставуваат вистински ресурс за развој на културниот туризам во регионот“, вели д-р Стојанова.
За време на рекогносцирањето, а и подоцна за време на истражувањето, генерално, додава таа, беше откриена садова керамика, фрагменти и поретко садови кои беа зачувани во поголем обем или со делумни оштетувања. Покрај тоа откриени се мноштво метални алатки, претежно земјоделски, како и предмети во комбинација на дрво и метал.
Важно е да се нагласи дека прв пат кај нас, а и пошироко се случи да се откријат ваков тип на предмети, зачувани и во добра состојба. За наша среќа, вели д-р Стојанова, во периодот кога се одвиваа археолошките истражувања, во работна посета беа претставници на Центарот за археологија во Лајбниц со кои НУ Завод и музеј-Битола потпиша договор за соработка и се овозможи откриените предмети да се анализираат во лабараторијата на Центарот за археологија во Лајбниц.

Според д-р Орданче Петров, раководител на тимот за подводна археологија, локалитетот во близина на селото Наколец се покажал како најрелевантен за понатамошно истражување каде се откриени слоеви од минатото, досега непознати.
„Со повлекувањето на нивото на езерото, дел од локалитетите излегоа на копно, а тоа овозможи да се извршат сондажните археолошки истражувања на локалитетот во близина на село Наколец. При истражувањата беше откриен дел заштитен со дрвена палисида, како и голем број движни археолошки предмети. Посебно внимание привлече пронаоѓањето на предмети изработени од органски материјали, дрвени алатки, рачки, чешли и различни конструктивни елементи. Ваквите наоди се прв и единствен пример на зачувани предмети од органски материјали од локалитет кој е датиран во временска рамка од крајот на 13., па се до крајот на 14. век. Локалитетот кај селото Наколец, претставува прв и засега единствен пример на благороднички имот во македонската археологија датиран во периодот на 14. век. Зачувувањето на органски материјали е навистина невообичаено бидејќи милот и тињата на езерото создаваат средина без кислород и таа ги штити објектите од распаѓање, а тоа пак овозможува уникатен увид во минатото на заедниците“, појаснува Петров.

Проектот ACT4PRESPA посебно внимание посветува на партнерската соработка и токму затоа за негова реализација вклучени се повеќе целни групи, односно културни институции, музеи, библиотеки, потоа експерти за културно наследство, кустоси и конзервтори, граѓански организации, но и студенти од архитектура, етнологија и антропологија кои учествуваат во истражувањето на материјалното и нематеријалното културно наследство во областа на Преспанско Езеро, посочи координаторката д-р Мери Стојанова, која заедно со студенти од Архитектонскиот факултет-Скопје, и колеги од НУ Завод и Музеј-Битола, извршија архитектонско документирање на културното наследство во неколку преспански населени места.
„Студентите извршија архитектонско снимање на три сакрални и еден профан објект, со што им се овозможи практична работа на терен. Но за време на процесот, студентите беа непосредно запознаени со карактеристиките и вредноста на дел од недвижното културно наследство на ова подрачје. Студентите и стручните лица работеа на детално архитектонско документирање на повеќе објекти, односно црквата Св. Ѓорѓи во Ресен од 19 век, манастирот Рождество на Пресвета Богородица во селото Сливница од 17 век, црквата Св. Петар и Павле во село Љубојно од 20 век и индивидуален објект, претставник на традиционалната архитектура во селото Љубојно. Изборот на објектите беше направен во заедничка координација помеѓу експертите од двете институции, врз основа на нивната културно-историска вредност и состојба на зачуваност“, посочи Зоран Алтипармаков, конзерватор советник во НУ Завод и музеј –Битола.

Со учеството во проектот ACT4PRESPA студентите од Архитектонскиот факултет имаа ретка можност да изведат повеќедневна теренска настава во која се извршија теренски истражувања и техничко документирање на сакрални и профани објекти во регионот на Преспа, нагласи проф. д-р Елизабета Касапова од Архитектонскиот факултет во Скопје.
„Архитектонскиот факултет во Скопје во рамки на наставата по предметот Заштита на градителското наследство во осми семестар традиционално изведува теренска настава. Со учеството во проектот ACT4PRESPA студентите од Архитектонскиот факултет имаа ретка можност да изведат повеќедневна теренска настава во која се извршија теренски истражувања и техничко документирање на сакрални и профани објекти во регионот на Преспа. На тој начин студентите имаа интензивен тренинг во совладување на вештините за теренско документирање на објекти и извонредна можност за посета и престој во повеќе значајни споменици на културата како што се Сливничкиот манастир, црквата во Курбиново, селото Љубојно со своите карактеристични куќи и др. Впечатоците и стекнатото искуство од работата за студентите и професорите од Архитектонскиот факултет се драгоцени“, вели професорката Касапова.

Архитектонското документирање претставува еден од клучните чекори во процесот на заштита на културното наследство. Со овие активности според координаторката д-р Мери Стојанова, добиваме прецизна документација за состојбата на објектите, која понатаму може да се користи за нивна ревалоризација, конзервација, реставрација и дигитална презентација. Особено е важно што во овој процес се вклучени студенти, бидејќи тие не само што стекнуваат практично искуство, туку и развиваат свест за значењето на зачувувањето на културното наследство.

Во рамки на проектот ќе се изврши дигитализација и интеркативна 3Д мапа на културното наследство, ќе се организираат изложби, студентски посети, меѓународни конференции, а до крајот на проектот сите материјали ќе бидат достапни во реконструираната зграда на старото училиште „Димитар Влахов“ во селото Љубојно, со што ќе биде финализиран проектот ACT4PRESPA што го реализираат НУ Завод и музеј-Битола, Граѓанската организација за развој на алтернативен туризам од Љубојно, Национален музеј за Средновековна уметност од Корча, Албанија Универзитетот Аристотелис од Солун и „Идеја за култура“ од Грција.
МИА






