Како што информираат организаторите, денеска се очекува на улиците на главниот град да продефилираат повеќе од 220 „дотерани“ моторџии со своите класични мотоцикли, што на настанот му дава препознатлив шарм и визуелна атрактивност.
Настанот, кој Скопје го организира од 2016 година, е дел од глобална иницијатива што досега има собрано повеќе од 60,5 милиони долари наменети за борба против ракот на простата и подигнување на свеста за машкото ментално здравје. Во ова движење учествувале над 340.000 луѓе во повеќе од 121 држава и 1.070 градови ширум светот. Скопското издание досега има придонесено со над 24.000 долари.
Блескавите мотоцикли и елегантниот изглед на учесниците остануваат препознатлив белег и оваа година, со што се промовираат основните цели на настанот – подигање на свеста кај машката популација и собирање средства за борба против сериозни здравствени и општествени предизвици.
Од „Gentleman’s Crew Skopje“, организатор на настанот, упатија благодарност до учесниците, партнерите и пријателите кои, како што посочуваат, придонесуваат „The Distinguished Gentleman’s Ride – Skopje“ секоја година да ги надминува претходните резултати.






