Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи епидемијата на ебола во Демократска Република Конго и Уганда за „јавноздравствена криза од меѓународно значење“.
СЗО соопшти дека епидемијата, предизвикана од вирусот бундибуџо, не ги исполнува критериумите за пандемиска криза.
Здравствената агенција на Обединетите нации во соопштение наведе дека до саботата во покраината Итури во Демократска Република Конго, во најмалку три здравствени зони, вклучително Бунија, Рвампара и Монгбвалу, се пријавени 80 сомнителни смртни случаи, осум лабораториски потврдени случаи и 246 сомнителни случаи.
Министерството за здравство на Демократска Република Конго во петокот соопшти дека 80 луѓе починале во новата епидемија во источната покраина.
Во главниот град на Уганда, Кампала, во петокот и саботата се пријавени два, очигледно неповрзани лабораториски потврдени случаи, вклучително и еден смртен случај, кај лица што допатувале од Демократска Република Конго, соопшти СЗО.
Лабораториски потврден случај е пријавен и во главниот град на Демократска Република Конго, Киншаса, кај лице што се вратило од Итури, соопшти Светската здравствена организација.
Обемот на епидемијата би можел да биде многу поголем од моментално откриеното и пријавено, предупреди СЗО при прогласувањето „јавноздравствена криза од меѓународно значење“.
Осум од 13 примероци собрани во различни области биле позитивни, соопшти агенцијата.
„Во моментов постојат значителни неизвесности околу вистинскиот број заразени лица и географското ширење поврзано со овој настан“, соопшти организацијата.
Некои глобални здравствени експерти изјавија дека се вознемирени што првите извештаи за епидемијата се појавиле толку доцна во нејзиниот развој.
Епидемиите вообичаено се откриваат многу порано од СЗО, други здравствени организации или преку медиумски извештаи, изјави Џенифер Нуцо, директорка на Центарот за пандемии при Факултетот за јавно здравје на Универзитетот Браун.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, на брифинг во петокот изјави дека организацијата првпат била известена за сомнителни случаи на ебола на 5 мај и испратила тим во Итури за да спроведе истрага.
Првичните примероци биле негативни на вирусот затоа што теренската опрема можела да го открие само заирскиот сој на ебола, единствениот сој за кој постои одобрена вакцина, рече тој.






