недела, 17 мај 2026

Од понеделник вакцинирање за децата од 12 до 18 години, досега се пријавиле 1.600

Објавено на

часот

Сподели

Децата и младите од 12 до 18 години кои покажале интерес за вакцинирање во текот на денешниот ден ќе добијат термин за вакцинирање, кое за нив ќе почне од понеделник. Вакцинирањето ќе биде во постојните вакцинални пунктови во градот кој го навеле при пријавувањето, информираат од Министерството за здравство.

Најголем број пријавени деца и млади, како што се посочува, има во Скопје и тоа во поликлиниките „Букурешт“ – 376, „Јане Сандански“ – 267, „Чаир“ – 101 и „Бит Пазар“ – 5. Во Тетово се пријавени 103 деца, во Битола 99, Куманово 86, Охрид 76, Велес 70, Кавадарци 53, Гостивар 49, Струмица 43, Гевгелија 40, Штип 38, Струга 25, Неготино 15, Кочани 14, а во останатите градови бројките се под 10 пријавени. По две деца се пријавени во Вевчани, Демир Хисар и Македонски Брод, а по едно во Кратово и Македонска Каменица, потенцираат од Министерството.

Вакцинацијата, според здравствените власти, се одвива непречено на сите пунктови низ државата, интересот секојдневно се зголемува, а досега се вакцинирани се вкупно 440.299 граѓани, а ревакцинирани 259.894.

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155.866, бројката на оздравени пациенти е 150.154, на починати е 5.487. Досега во земјата се направени вкупно 920.045 тестирања на ковид-19.

Сертификат за вакцинација или негативен ПЦР/рапид тест или потврда за прележан вирус, заедно со пополнет ПЛФ формулар и натаму се задолжителни за влез во Грција за туристите, вклучително и оние од Македонија. За влез во Грција, отворени се сите копнени гранични премини кои работат 24 часа, со исклучок на Мерѕани кон Албанија, што е со работно време од 8 до 20 часот. Од Македонија кај јужниот сосед може да се патува преку Евзони (Богородица), преку Ники (Меџитлија) и Дојран.

Светска здравствена организација (СЗО) вчера соопшти дека зголемувањето на бројот на новозаразени луѓе со ковид-19 во неколку земји од Блискиот Исток може да има големи последици, поради ширењето на делта сојот и малата достапност на вакцини. По намалувањето на бројот на заразени и смртни случаи во период од осум недели, СЗО тврди дека има знаци на ново зголемување во Либија, Иран, Ирак и Тунис, додека брз раст се очекува во Либан и Мароко.

СЗО како причини за новото ширење на коронавирусот ги наведува непочитувањето на здравствените и социјалните мерки како и ниската стапка на вакцинација и ширењето на новите соеви. Според СЗО, Тунис е земја со најголема смртност од последици од ковид-19 во регионот и во Африка и истакна дека за четири недели бројот на дневни случаи во Иран е двојно зголемен. Бројот на заразени со Ковид-19 во регионот на Источен Медитеран, кој ги вклучува Пакистан, Авганистан, Сомалија и Џибути, како и земјите од Блиски Исток, надмина 11,4 милиони, а пријавени се 223.000 смртни случаи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ