Конзервативната Народна партија, која моментално управува со јужниот регион со 8,7 милиони жители, е фаворит на денешните избори, покажуваат анкетите.
Но прашањето е дали ќе освои доволно гласови за самостојно да формира власт или ќе ѝ биде потребна поддршка од Вокс, тврдодесничарската партија што јакне низ целата земја.
Претходно годинава се одржаа избори во регионите Екстремадура, Арагон и Кастиља и Леон, на западот и северот на земјата, а по тешки преговори беа формирани десничарски власти откако Народната партија прифати отстапки кон Вокс, меѓу кои и порестриктивна имиграциска политика.
Вокс се обидува регионалните избори да ги прикаже како референдум за Педро Санчез, кој управува со Шпанија од 2018 година.
Андалузија, традиционално земјоделски и туристички регион, со децении беше упориште на левицата сè до 2019 година и доаѓањето на власт на Хуанма Морено.
Социјалистичкиот премиер Санчез од Мадрид ја испрати својата блиска соработничка Марија Хесус Монтеро, досегашна потпретседателка на владата и министерка за финансии, како кандидатка на социјалистичката партија да се обиде да ја сврти ситуацијата.
Монтеро, родена во главниот андалузиски град Севилја, работела таму како управителка на локална болница, а била и на чело на регионалниот здравствен систем, па за време на кампањата здравството го истакнуваше како приоритет.
Цените на кириите и недвижностите исто така ги загрижуваат жителите на Андалузија, каде што стапката на невработеност е високи 14,6 отсто.






