недела, 17 мај 2026

Аксиос: Куба подготвува напади со дронови врз САД

Куба набавила повеќе од 300 воени дронови и неодамна почнала да разгледува планови за нивно користење во напади врз американската база во заливот Гвантанамо, американски воени бродови, а потенцијално и врз Ки Вест на Флорида, кој е од Хавана оддалечен само 145 километри, пренесува Аксиос, кој дошол до тајни разузнавачки документи.

.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Разузнавачките податоци, кои би можеле да послужат како оправдување за американска воена акција, покажуваат колку администрацијата на Трамп ја доживува Куба како закана поради развојот на војување со беспилотни летала и присуството на ирански воени советници во Хавана, изјавил висок американски функционер.

„Кога ќе се земе предвид дека таквите технологии се толку блиску, како и целиот спектар лоши актери — од терористички групи и наркокартели до Иранци и Руси — тоа е загрижувачко“, рекол функционерот.

„Станува збор за растечка закана.“

Како одговор, директорот на ЦИА Џон Ретклиф минатиот четврток отпатувал на Куба и отворено ги предупредил тамошните функционери да не се впуштаат во непријателски активности.

Според претставник на ЦИА, тој ги повикал и да се откажат од своето тоталитарно владеење за да завршат разорните американски санкции.

„Директорот Ретклиф беше јасен: Куба повеќе не може да служи како платформа од која нашите противници спроведуваат непријателски планови во нашата хемисфера“, рекол претставникот за Аксиос. „Западната хемисфера не смее да биде игралиште за нашите непријатели.“

Американското Министерство за правда планира в среда да објави обвинение против фактичкиот кубански лидер Раул Кастро зашто наводно во 1996 година наредил да се собори авион, со кој управувала хуманитарната група „Брадерс ту д рескју“ од Мајами.

Во текот на неделава би можеле да бидат објавени и дополнителни санкции против островската држава.

Според американски функционери, Куба од 2023 година набавува јуришни дронови од Русија и Иран и ги складира на стратегиски локации низ островот.

Висок американски функционер навел дека кубански претставници во изминатиот месец побарале уште дронови и воена опрема од Русија.

Пресретнати разузнавачки податоци, исто така, покажале дека кубанските разузнавачи „се обидуваат да научат од Иран како да ни се спротивстават“.

Познато е дека Русија и Кина имаат високотехнолошки шпионски станици на Куба за електронско собирање разузнавачки податоци.

„Долго време сме загрижени што еден странски противник користи таква локација толку блиску до нашите брегови, тоа е многу проблематично“, рече американскиот министер за одбрана Пит Хегсет.

Загриженоста поради напади со дронови врз американски сили се засили откако Иран почна интензивно да користи беспилотни летала како одговор на американските напади што почнаа на 28 февруари.

Американски функционери проценуваат дека дури 5.000 кубански војници се бореле на страната на Русија во инвазијата врз Украина, а дел од нив ги информирале кубанските воени лидери за ефикасноста на војувањето со дронови.

Според проценките, Русија ѝ платила на кубанската влада околу 25.000 долари за секој војник испратен во Украина.

„Тие се дел од машината за мелење месо на Путин. Учат за иранските тактики. Тоа е нешто за што мора да се подготвиме“, рекол функционерот.

За режимот на Кастро се смета дека е поблиску до паѓање од кога било по револуцијата во 1959 година, главно поради американските санкции и лошото економско управување. САД ја класифицираат Куба како државен спонзор на тероризмот и ја сметаат за „глава на змијата“ што извезува револуционерен марксизам низ Латинска Америка.

И покрај тоа, американските функционери не веруваат дека Куба претставува непосредна закана или дека активно планира напад врз американските интереси.

Разузнавачките податоци укажуваат дека воените лидери на островот разговарале за планови за војување со дронови како можна опција во случај на избувнување конфликт, со оглед на влошувањето на односите со САД.

Куба нема капацитет да го затвори Флоридскиот теснец како што Иран го запре бродскиот сообраќај во Ормускиот теснец.

„Никој не се грижи поради борбените авиони од Куба. Најверојатно немаат ниту еден што може да лета“, рекол високиот функционер.

„Но вреди да се напомене колку се блиску — 145 километри. Тоа е реалност што воопшто не ни е пријатна.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ