Пораката на Лај е неговата прва директна реакција на самитот од минатата недела во Пекинг меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Си Џинпинг, кој во демократски уредениот Тајван предизвика загриженост околу американската поддршка за островот.
Трамп изјави дека сè уште размислува дали да продолжи со нова продажба на оружје за островот врз кој Кина полага право и дека САД „не сакаат некој да каже: ‘Ајде да прогласиме независност затоа што САД нè поддржуваат’“.
„Кога ќе го погледнете односот на силите, Кина е неверојатно моќна и голема земја. А Тајван е многу мал остров. Размислете малку; оддалечен е само 95 километри од Кина. А ние сме оддалечени 15.000 километри. Тоа е прилично тежок проблем“, рече Трамп.
„Ако ја погледнете историјата, Тајван се разви затоа што имавме претседатели што немаа поим што прават. Ни ја украдоа индустријата за чипови“, тврдеше Трамп во интервју за Фокс њуз.
Тие зборови многумина на Тајван ги доживеаја како своевидна најава за американско предавство.
Лај истакна дека луѓето се „многу загрижени“ поради содржината на тој состанок што се однесувала на Тајван, но истовремено ѝ се заблагодари на американската влада за континуираната посветеност на мирот и стабилноста во Тајванскиот теснец, како и за поддршката за Тајван.
Тој нагласи дека Тајван нема да провоцира, ниту да го ескалира конфликтот.
„Но исто така нема под притисок да се откажеме од нашиот национален суверенитет и достоинство, ниту од нашиот демократски и слободен начин на живот“, порача Лај, додавајќи дека Кина е извор на регионална нестабилност.
Од Пекинг засега нема реакција на неговата изјава.
Кина никогаш не се откажала од употреба на сила за да го стави Тајван под своја контрола и тврди дека тој е кинеска покраина, а не држава.






