„Она што е симптоматично е што дежурните критичари манипулираат со податоци кои внесуваат страв и паника меѓу родителите создавајќи лажна перцепција дека приредувачите на легалните игри на среќа имаат економски интерес малолетници да влегуваат во нивните објекти. Можеме да ги броиме и објектите за игри на среќа во центрите на повеќе европски метрополи, каде дел од домашните критичари гордо позираат и се фотографираат кога се туристи“, велат од здружението „Сакам да работам“.
Оттаму потенцираат дека интригантно прашање е зошто се премолчува, според здружението, една клучна одредба од предлогот на Владата што во целост ја поништува суштината на дислокација на казината на дистанцата од 500 метри од училиштата, а државата го задржува правото да организира онлајн игри на среќа што преку мобилните уреди и интернетот се достапни секаде и во секое време.
„Ние одамна тврдиме дека со воведување дистанца ќе се постигне целосно затворање на легалните објекти, што секако е внесување на приредувањето на игри на среќа во црна зона во која ќе почнат да се организираат во подруми, како во 90-те години од минатиот век, без никаква контрола од државата, каде младината ќе биде под поголем ризик. Во Македонија се применува Закон за игри на среќа, кои е еден од најстрогите во регионот и пошироко и содржи европски и светски стандарди за регулирање на оваа економска гранка, а особено за забрана на влез на малолетници во сите легални објекти со лиценци за приредување игри на среќа. Одговорно тврдиме дека како здружение не сме консултирани за предлогот на Владата, ниту сме биле запознаени со содржината пред да биде објавен. Нема никаква дилема дека законското решение кое влегува во собраниска процедура ни ја запечатува судбината“, категорични се од здружението.
Тие се подготвени на средба во Владата да му ги презентираат нивните факти на премиерот Мицкоски за да го уверат дека ваквото решение ќе остави најмалку 10 илјади луѓе без работа и ќе создаде 35 илјади нови кандидати за иселување од Македонија.






