Неколку дена откако во израелските напади беа убиени иранскиот врховен водач и други високи функционери во првите салви од војната, претседателот на САД, Доналд Трамп, јавно размислуваше дека најдобро би било земјата да ја преземе „некој одвнатре“ од Иран.
Се покажа дека САД и Израел влегле во судирот имајќи на ум една конкретна и многу неочекувана личност: Махмуд Ахмадинеџад, поранешниот ирански претседател, познат по тврдокорните, антиизраелски и антиамерикански ставови.
Меѓутоа, смелиот план, кој го развиле Израелците и за кој Ахмадинеџад бил консултиран, брзо тргнал наопаку, според американски функционери што биле известени за него.
Ахмадинеџад првиот ден од војната бил ранет во израелски напад врз неговата куќа во Техеран, кој требало да го ослободи од домашен притвор, рекле американски функционери и еден соработник на Ахмадинеџад. Тој го преживеал нападот, навеле тие, но потоа, откако за влакно ја избегнал смртта, се разочарал од планот за промена на режимот.
Оттогаш не е виден во јавноста, а неговото сегашно место на престој и здравствената состојба не се познати.
Малку е да се каже дека Ахмадинеџад бил необичен избор. Иако сè почесто доаѓаше во судир со лидерите на режимот и беше под строг надзор на иранските власти, за време на претседателскиот мандат, од 2005 до 2013 година, беше познат по повиците Израел да биде „избришан од мапата“. Беше силен застапник на иранската нуклеарна програма, жесток критичар на САД и познат по насилното задушување на внатрешното несогласување.
Како Ахмадинеџад бил регрутиран да учествува во тоа, останува непознато.
Постоењето на овој потфат, за кој претходно не се известувало, било дел од повеќефазен план што Израел го разработил за да ја урне иранската теократска власт. Тоа покажува како Трамп и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху влегле во војната не само погрешно проценувајќи колку брзо можат да ги остварат своите цели, туку и донекаде коцкајќи се со ризичен план за промена на раководството во Иран, кој дури и на некои соработници на Трамп им изгледал неверојатно. Одредени американски функционери биле особено скептични во однос на изводливоста на враќањето на Ахмадинеџад на власт.
„Претседателот Трамп од самиот почеток беше јасен во однос на целите на Операцијата ‘Епски бес’: да се уништат иранските балистички ракети, да се демонтираат нивните производствени погони, да се потопи нивната морнарица и да се ослабат нивните посреднички сили“, рече Ана Кели, портпаролка на Белата куќа, одговарајќи на барање за коментар за планот за промена на режимот и за Ахмадинеџад. „Американската војска ги исполни или ги надмина сите свои цели, а сега нашите преговарачи работат на постигнување договор со кој засекогаш би им се ставил крај на иранските нуклеарни способности.“
Портпаролот на Мосад, израелската надворешна разузнавачка служба, одбил да коментира.
Американски функционери во првите денови од војната зборуваа за планови разработени со Израел за да се идентификува прагматичар што би можел да ја преземе земјата. Функционерите инсистираа дека постојат разузнавачки податоци дека некои луѓе во рамките на иранскиот режим би биле подготвени да соработуваат со САД, дури и ако тие луѓе не би можеле да се опишат како „умерени“.
Трамп уживаше во успехот на акцијата на американските сили во која беше заробен лидерот на Венецуела, Николас Мадуро, како и во подготвеноста на неговата привремена наследничка да соработува со Белата куќа — модел за кој Трамп, се чини, верувал дека може да се повтори и на други места.
Во последните години Ахмадинеџад се судираше со лидерите на режимот, обвинувајќи ги за корупција, а кружеа и гласини што ја доведуваа во прашање неговата лојалност. Беше дисквалификуван од многу претседателски избори, неговите соработници беа апсени, а движењето на Ахмадинеџад сè повеќе беше ограничувано на неговиот дом во населбата Нармак, во источен Техеран.
Тоа што американски и израелски функционери во Ахмадинеџад гледале потенцијален лидер на новата влада во Иран е дополнителен доказ дека војната во февруари била почната со надеж дека во Техеран ќе биде инсталирано поподатливо раководство. Трамп и членовите на неговиот кабинет тврдеа дека целите на војната биле тесно насочени кон уништување на иранските нуклеарни, ракетни и воени капацитети.
Многу прашања остануваат без одговор за тоа како Израел и САД планирале да го доведат Ахмадинеџад на власт, како и за околностите на воздушниот удар во кој бил ранет. Американски функционери рекоа дека тој напад — изведен од израелските воздухопловни сили — имал цел да ги убие чуварите што го надгледувале Ахмадинеџад, како дел од планот тој да биде ослободен од домашен притвор.
Првиот ден од војната, во израелските напади беше убиен ајатолахот Али Хамнеи, иранскиот врховен водач. Во ударот врз комплексот на ајатолахот Хамнеи во центарот на Техеран загинаа ирански функционери, од кои некои Белата куќа ги означила како поспремни да преговараат за промена на власта отколку нивните претпоставени.
Во иранските медиуми тогаш се појавија и првите извештаи дека Ахмадинеџад бил убиен во нападот врз неговата куќа.
Нападот не ја оштетил значително куќата на Ахмадинеџад на крајот од слепата улица. Но погодена била безбедносната куќичка на влезот во улицата. Сателитските снимки покажуваат дека таа зграда е уништена.
Во деновите што следувале, официјалните новински агенции појасниле дека тој преживеал, но дека неговите „телохранители“ — всушност припадници на Исламската револуционерна гарда, кои истовремено го чувале и го држеле во домашен притвор — биле убиени.
Во напис објавен во март во Атлантик, во кој беа цитирани анонимни соработници на Ахмадинеџад, било наведено дека поранешниот претседател бил ослободен од државен притвор по ударот врз неговата куќа, што во текстот било опишано како „операција за бегство од затвор“.
По тој напис, еден соработник на Ахмадинеџад потврдил за Њујорк тајмс дека Ахмадинеџад тој напад го видел како обид да биде ослободен. Соработникот рекол дека Американците го сметале Ахмадинеџад за личност што би можела да го води Иран и што има способност да управува со „политичката, општествената и воената ситуација во Иран“.
Ахмадинеџад во блиска иднина би можел да „одигра многу важна улога“ во Иран, рекол тој соработник, сугерирајќи дека САД го гледале слично како Делси Родригез, која ја презела власта во Венецуела откако американските сили го заробиле Мадуро и која оттогаш тесно соработува со администрацијата на Трамп, навел тој извор.
За време на претседателскиот мандат, Ахмадинеџад беше познат и по тврдокорната политика и често по бизарни фундаменталистички изјави, како тврдењето дека во Иран нема ниту едно геј лице и негирањето на холокаустот. Зборуваше на конференција во Техеран под наслов „Свет без ционизам“.
Западните сатиричари ги исмеваа таквите ставови, а Ахмадинеџад стана своевидна неволна поп-културна занимливост, дури и предмет на пародии во емисијата „Сатердеј најт лајв“.
Трипати — во 2017, 2021 и 2024 година — Ахмадинеџад се обиде да се кандидира за својата поранешна функција, но секојпат иранскиот Совет на чувари, тело составено од цивилни и исламски правници, ја блокираше неговата претседателска кандидатура. Ахмадинеџад обвинуваше високи ирански функционери за корупција или лошо управување и стана критичар на власта во Техеран. Иако никогаш не беше отворен дисидент, режимот почна да го третира како потенцијално дестабилизирачки фактор.
Врските на Ахмадинеџад со Западот се прилично нејасни.
Во интервју за Њујорк тајмс од 2019 година, Ахмадинеџад го пофали претседателот Трамп и се залагаше за приближување меѓу Иран и САД.
„Трамп е човек од акција“, рече Ахмадинеџад. „Тој е бизнисмен и затоа е способен да го пресмета односот меѓу цената и користа и да донесе одлука. Му порачуваме: ајде да го пресметаме долгорочниот однос меѓу цената и користа за нашите две нации и да не бидеме кратковиди.“
Луѓе блиски до Ахмадинеџад беа обвинувани дека имаат премногу блиски врски со Западот, па дури и дека шпионираат за Израел. Есфандијар Рахим Машаи, поранешен шеф на кабинетот на Ахмадинеџад, беше изведен пред суд во 2018 година, а судијата во тој предмет јавно прашал за неговите врски со британските и израелските разузнавачки служби — обвинение што го објавија државните медиуми.
Во изминатите неколку години Ахмадинеџад патувал надвор од Иран, што дополнително ги поттикна шпекулациите.
Во 2023 година отпатувал во Гватемала, а во 2024 и 2025 година во Унгарија, за што детално пишуваше магазинот Њу лајнс. Двете земји имаат блиски врски со Израел.
Тогашниот унгарски премиер Виктор Орбан има близок однос со Нетанјаху. За време на патувањето во Унгарија, Ахмадинеџад зборувал на универзитет поврзан со Орбан.
Од Будимпешта се вратил само неколку дена пред Израел минатиот јуни да почне да го напаѓа Иран. Кога избувна војната, се држеше настрана од јавноста и објави само неколку соопштенија на социјалните мрежи. Многу корисници на иранските социјални мрежи го забележаа неговиот релативен молк за војната со земјата што Ахмадинеџад долго ја сметаше за главен непријател на Иран.
Расправата за Ахмадинеџад на иранските социјални мрежи се засили по извештаите за неговата смрт, според анализа на компанијата Филтерлабс, која го следи јавното расположение. Но таа расправа во следните недели стивна и главно се сведуваше на збунетост околу тоа каде се наоѓа.
Израел во почетокот замислувал дека војната ќе се одвива во неколку фази, почнувајќи со воздушни напади на САД и Израел, убиства на иранските врховни водачи и мобилизација на Курдите за борба против иранските сили, според двајца израелски одбранбени функционери запознаени со оперативното планирање.
Потоа израелскиот план предвидувал комбинација од кампањи за влијание што би ги спроведувал Израел и курдска инвазија да создадат политичка нестабилност во Иран и чувство дека режимот ја губи контролата. Во третата фаза режимот, под силен политички притисок и под товарот од штетата нанесена на клучната инфраструктура, како електроенергетскиот систем, би се урнал, што би овозможило воспоставување на она што Израелците го нарекувале „алтернативна влада“.
Освен воздушната кампања и убиството на врховниот водач, малку од планот се одвивало онака како што се надевале Израелците, а од денешна перспектива изгледа дека голем дел од тој план длабоко ја потценил отпорноста на Иран и ја преценил способноста на САД и Израел да ја наметнат својата волја.
Но дури и откако станало јасно дека иранската теократска власт ги преживеала првите месеци од војната, некои израелски функционери продолжиле да изразуваат уверување во својата визија за наметнување промена на режимот во Техеран.
Давид Барнеа, шефот на Мосад, во повеќе разговори им рекол на соработниците дека и натаму смета оти планот на таа агенција, заснован на децении собирање разузнавачки податоци и оперативно дејствување во Иран, имал многу добри шанси да успее доколку добиел одобрение за спроведување.






