среда, 20 мај 2026

Вучиќ најави сајт за пријавување арогантни функционери

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави отворање на интернет страница на која граѓаните ќе можат да се жалат на арогантно однесување на функционерите. Сајтот, чија цел, според Вучиќ, е борба против ароганцијата во јавниот сектор, ќе се вика „Кој си бре ти?“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Во наредните денови, покрај целата важна работа поврзана со полицијата и целиот систем, ќе се посветам на поддршка на обичните луѓе бидејќи добив безброј писма. Наскоро ќе отворам сајт кој ќе се вика „Кој си бре ти?“, како одговор на нивното „дали ти знаеш кој сум јас?“. Таму ќе ги примам жалбите на граѓаните, ќе одговарам на нив и ќе разговарам со нив“, кажа Вучиќ како одговор на прашањата на новинарите во Палатата Србија.

Тој додаде дека ќе се обиде да најде време да влијае на намалувањето на ароганцијата во целото општество.

„Дел од проблемите што ни се случуваат произлегуваат од таквата ароганција. Тоа е нешто што луѓето го мразат најмногу на свет. Никогаш не би го чуле тоа од мене“, истакна Вучиќ.

Како пример за важноста на директната комуникација со граѓаните, тој раскажа неодамнешен настан кога лично му се јавил на човек кој му испратил писмо со негативна содржина.

„Вчера добив писмо од господин Лончар, мислам од Нови Сад. Ми напиша многу лоши работи. Остави телефонски број, па му се јавив. Разговаравме и тогаш сфатив колку може да биде лековит и корисен еден разговор. Сфаќате како можете малку да промените нечии ставови, но и како можете да се промените себеси“, кажа Вучиќ.

Според него, реакцијата на соговорникот го поттикнала да размисли. „Кога еден човек ви вели: „Не верував дека ќе ми се јавите, други никогаш не ми се јавиле“, тоа не зборува најдобро за мене, но кажува многу лошо за некои други“, кажа српскиот претседател.

„Ова се работи што мора да ги промениме дома и да направиме многу, многу повеќе за да можеме да ја зачуваме, одбраниме и заштитиме земјата од сè“, заклучи Вучиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ