Според три извори, ревидираниот нацрт-договор е изготвен од Катар и Пакистан со учество на други регионални медијатори за да се обидат да ги премостат разликите меѓу Соединетите Американски Држави и Иран. Предлогот доаѓа во време кога Трамп сè уште се колеба меѓу можноста за голем воен напад врз Иран и постигнување дипломатски договор.
Нетанјаху е исклучително скептичен кон преговорите и се залага за продолжување на војната со цел дополнително да ги ослаби воените капацитети на Иран и режимот со уништување на клучната инфраструктура.
Од друга страна, Трамп сè уште тврди дека верува оти е можен договор, но предупредува дека е подготвен да ја продолжи војната ако преговорите не успеат. „Единственото прашање е дали ќе ја завршиме работата или ќе го потпишат документот. Ќе видиме што ќе се случи“, кажа Трамп денес на Академијата на крајбрежната стража.
Американскиот претседател кажа и дека Нетанјаху „ќе направи што сака“ кога станува збор за Иран, иако нагласи дека имаат добри односи. Двајцата имаа несогласувања околу Иран претходно, но останаа тесно координирани за време на војната.
Иран потврди дека го разгледува новиот предлог, но досега не покажа знаци на попуштање. Пакистан, Катар и другите посредници, Саудиска Арабија, Турција и Египет, работеа на финализирање на предлогот во последните денови со цел да ги приближат ставовите на Вашингтон и Техеран.
Според двајца арапски функционери и еден израелски извор, Катар неодамна им претставил нов нацрт-договор на САД и Иран. Друг извор тврди дека нема посебен катарски предлог, но Катар се обидува да го усогласи постојниот пакистански нацрт.
Арапски функционер кажал дека Катар испратил делегација во Техеран претходно оваа недела на разговори со иранските власти за најновата верзија на предлогот.
Министерството за надворешни работи на Иран во средата соопшти дека разговорите продолжуваат „врз основа на предлогот од 14 точки на Иран“ и дека министерот за внатрешни работи на Пакистан е во Техеран за да помогне во посредувањето. Ова е негова втора посета за помалку од една недела.
Целта на новиот обид за преговори е да се добијат поконкретни ирански гаранции поврзани со нивната нуклеарна програма, но и попрецизни американски планови за постепено ослободување на замрзнатите ирански средства.
Сепак, сите извори нагласуваат дека не е јасно дали Иран ќе го прифати новиот нацрт или значително ќе го промени својот став. „Катар ги поддржуваше и продолжува да ги поддржува напорите за медијација на Пакистан и постојано се залага за деескалација на конфликтот заради стабилноста на регионот и неговиот народ“, кажа катарскиот дипломат.
Според информации од дипломатски извори, Трамп и Нетанјаху имале долг и „тежок“ телефонски разговор во вторник вечерта. Трамп му кажал на Нетанјаху дека медијаторите работат на „писмо за намера“ кое САД и Иран ќе го потпишат за формално завршување на војната и започнување на 30-дневен период на преговори за прашања како што се нуклеарната програма на Иран и отворањето на Ормускиот теснец.
Два израелски извори тврдат дека двајцата лидери имаат различни ставови за понатамошниот правец на преговорите, додека американски извор запознаен со разговорот рекол дека „Нетанјаху бил исклучително вознемирен по повикот, односно бесен“.
Според истиот извор, израелскиот амбасадор во Вашингтон ги информирал американските пратеници дека Нетанјаху е загрижен за развојот на ситуацијата. Израелската амбасада ги отфрлила ваквите тврдења и истакнала дека „амбасадорот не коментира приватни разговори“.
Изворите исто така наведуваат дека Нетанјаху покажал голема загриженост и во раните фази од преговорите, дури и кога не биле постигнати договори.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека за преговорите да успеат, САД ќе мора да го прекинат „пиратството“ на иранските бродови и да се согласат на ослободување на замрзнатите средства, додека Израел ќе мора да ја сопре војната во Либан.
Белата куќа и кабинетот на израелскиот премиер одбија да ги коментираат обвинувањата. Според израелски извори, Нетанјаху сака да отпатува во Вашингтон во наредните недели за да се сретне со Трамп.






