среда, 20 мај 2026

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

75 години трансформација: Патувањето на Шиѕанг/Тибет кон модерноста

Како што човек сè повеќе се запознава со спецификите и убавините на некоја земја и нејзиниот народ, така почнува да негува и некаква чудна љубопитност дури (или особено за) предели и луѓе кои не ги сретнал. Тоа е барем случај со мојата средба со Кина и желбата да научам што повеќе за оваа фасцинантна земја.

Од моментот кога првпат ја видов до денес, таа љубопитност само расте, заедно со восхитот за она што таму се случува. Ова особено јакне низ контрастот на случувањата во кои западна Западот (од геноцид и војни, милитаризам, ривалитет, деструкција, па и морален, политички, социоекономски, научен, технолошки или дигитален пад). Малку места го отелотворуваат ова толку силно како Шиѕанг, на Запад и кај нас попознат како Тибет.

Оваа година, и токму овие денови, се одбележуваат 75 години од мирното ослободување на Шиѕанг. Човек веднаш може да се запраша: ослободување од кого — особено имајќи предвид дека овој регион е интегрален дел од Кина уште од античко време, односно претставува интегрален дел на кинеската цивилизациска држава? Но можеби ова е погрешното прашање. Тоа треба да гласи: ослободување од што?

Само две години по победата на кинеската социјалистичка револуција, централната народна влада и локалните тибетски власти го потпишале таканаречениот Договор од 17 членови, на 23 мај 1951 година. Овој чин претставува историска пресвртница, со која формално се става крај на постоечкиот феудално-теократски поредок, а регионот е интегриран во социјалистичката рамка на новата Кина. Трансформацијата што следува не била ниту едноставна ниту линеарна, но затоа била континуирана и стратешки водена. Најважно од сѐ, таа се одвивала со директно учество и поддршка на локалното население, кое во овој процес видело можност за подобар живот и уживање на човековите права.

Со децении, западниот дискурс намерно и во голема мера извртено го претставува Тибет/Шиѕанг низ романтизиран објектив: изолиран духовен рај врз кој е извршена „инвазија“ од една авторитарна држава. Ваквите претстави, иако емоционално привлечни (особено поради конструирањето на светата фигура на Далај Лама), по дефиниција ја замаглуваат историска стварност на стариот Тибет, односно на хиерархиски поставеното феудално општество во кое огромното мнозинство живеело како кметови под ригидна теократска доминација. Пред 1951 година, повеќе од 90 проценти од населението на овој регион, според документирани извештаи, живеело во кметство или услови слични на ропство (деновиве гледав потресен документарен филм во кој стари луѓе зборуваат за тешкиот живот под власта на монасите). Неписменоста била широко распространета, а животниот век изнесувал само околу 35 години. Пристап до здравство, образование или социјална мобилност практично не постоел за обичниот смртник. Политичката и религиозната моќ биле споени на начин што ги зачувувал привилегиите на елитата, додека на мнозинството му биле ускратени основните права и човечкото достоинство.

Мирното ослободување на Шиѕанг, проследено со демократски реформи, ја разурнало оваа структура. Кметството е укинато, воведени се аграрни реформи, а во наредните децении кинеските централни и локални власти спроведуваат еден од најамбициозните проекти на модернизација и тоа во највисокиот планински регион на Земјата. Оваа трансформација е водена од обединувачка развојна визија сумирана во народната изрека: „Шиѕанг е нашиот дом, Кина е нашата татковина“. Далеку од тоа да биде само политичка реторика, оваа формула симболизира проект на интеграција на регионот во пошироката кинеска држава преку модернизација, социјален развој и национална кохезија.

Денес, 75 години подоцна, Шиѕанг нуди драматично поинаква слика. Очекуваниот животен век е повеќе од двојно зголемен, надминувајќи 72 години. Екстремната сиромаштија е искоренета. Повеќе од 630.000 луѓе се извлечени од екстремната сиромаштија само во последните национални кампањи. Регионот има над 120.000 километри патишта, вклучувајќи експресни автопати низ некои од најтешките терени во светот. Железницата Кингхај–Шиѕанг и новите брзи железнички линии ја револуционизираат мобилноста и економската интеграција. Современи аеродроми, дигитална инфраструктура, 5G поврзаност, проекти за чиста енергија и урбана модернизација го трансформираат секојдневниот живот. Главниот град Ласа е впечатлив пример на оваа промена. Некогаш замислуван како мистичен реликт, денес е град кој брзо се развива: со модерни болници, универзитети, културни институции, музеи, трговски центри, системи за обновлива енергија и развиен туризам (едно од најатрактивните туристички дестинации за Кинезите, но и за странците).

Еден од најсилните удари на западните стереотипи доаѓа не од кинески официјални извори, туку од странски посетители и патописци. На пример, индискиот геополитички аналитичар С.Л. Кантан, по посетата на Шиѕанг, отворено ги оспори западните медиумски прикази. Тој опишува инфраструктура од светска класа, чисти улици, жива културна сцена, двојазични натписи и атмосфера на безбедност и стабилност, која остро се разликува од доминантните претстави за културна и друга репресија. Слично, швајцарскиот новинар и политичар Ги Мета, кој тешко може да се нарече кинески пропагандист, забележува дека тибетската култура не само што не е потисната, туку е видливо жива, институционално поддржана и културно обновена. Навистина, една од највпечатливите реалности на современиот Шиѕанг е коегзистенцијата на модернизацијата со зачувувањето на културата и традициите. Тибетскиот јазик е присутен во јавниот простор заедно со мандаринскиот (а честопати и со англискиот). Тибетската медицина е институционализирана преку универзитети и истражувачки центри. Културно-историските локалитети признати од УНЕСКО, но и други манастири, храмови и свети текстови се реставрираат, дигитализираат и зачувуваат за идните генерации. Верската практика продолжува во рамки на модерниот социјалистички систем кој ги почитува различните верувања (малкумина знаат дека во Кина постои соживот на неколку верски учења и филозофии, од кои мудрости и инспирација извлекуваат дури и политичарите). Овие сведоштва од прва рака се важни бидејќи ја одразуваат пошироката шема позната и од западните наративи за Шинџијанг. За мене лично, а верувам и за вас, ова се претстави од „втора рака“, затоа што не сум била таму, но за да го напишам овој текст ме инспирираа многу текстови и видео репортажи достапни на Јутјуб.

Кога се зборува и размислува за Шиѕанг, важно е да се има предвид дека не станува збор за мал и изолиран регион. Тој опфаќа речиси една осмина од територијата на Кина, со преку три милиони жители и исклучително ниска густина на населеност (поради климата и другите природни карактеристики). Тој е етнички разновиден, со мнозинство Тибетанци и малцинства како Хан, Хуи, Монпа и други. Тој станува сѐ поважна зона на зелена и технолошка трансформација, со соларни централи на највисока надморска височина (изградени делумно и со помош на роботи), развој на вештачка интелигенција за меѓусебно разбирање на различните јазици што се говорат, нови минерални истражувања и големи трговски коридори.

За многу земји од Глобалниот Југ, но и за западната периферија, Шиѕанг претставува пример за развојна алтернатива. Денес неговиот БДП по глава на жител се проценува на околу 10.000 долари, што го става во ранг на средноразвиени економии и над некои земји од Југоисточна Европа. За споредба, Македонија (претставувана како дел од европската „симфонија и интегративна приказна“) има БДП по глава на жител од приближно 8.500–9.000 американски долари. Сепак, ваквите споредби треба да се прават низ призма на подлабоките структурни околности: додека растот на Шиѕанг е брз, инвестиционо воден и проследен со масовна експанзија на инфраструктурни проекти  и со програми за искоренување на сиромаштијата, траекторијата на Македонија одразува поинаков образец. Таа зборува за постсоцијалистичка приватизација, корупција и стагнација, но и за масовна депопулација. Целата надеж е ставена на европските фондови, додека средствата добиени од кредити одат за воени цели. Контрастот не е само статистички, туку пред сè филозофски и развоен: во првиот случај се гледа забрзана државно водена конвергенција од историски недоволно развиена почетна позиција, додека во нашиот се гледаат ограничувањата на вклучување во глобалната економија на една полупериферна економија за чиј развој не се грижат ниту домашните ниту европските елити.

Оваа 75-годишнина отвора суштински прашања за моделите на модернизација и за правото да се дефинира историскиот наратив. Денес Шиѕанг не е романтизиран „остров во облаците“ на Покривот на светот, туку динамичен и регион со брз развој, кој ја одразува пошироката кинеска цивилизациска визија за национално единство, социјален напредок и колективна обнова. За оние што се подготвени да гледаат надвор од западните стереотипи и митови, оваа трансформација е тешко да се игнорира. Таа фасцинира во спојот на традиционалното и модерното, а во полза на обичниот човек.

 

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Александар Иванов

Архитектура на балканската трагедија: Туѓи наративи, киднапирани институции и единствениот излез

Братислав Димитров

Не паркирај, бушам гуми

Ѓoрѓи Илиевски

Обесправени студенти на Филозофскиoт факултет

Aнита Гибсон

Трамп во Пекинг

Билјана Ванковска

Си и Трамп: една средба, два света

Љубомир Николовски

Виктор „вембинатор“ Вембањама

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ