Резолуцијата помина во натамошна процедура со разлика од три гласа, откако четворица републикански сенатори ги поддржаа демократите.
Само еден сенатор од редовите на демократите гласаше против, додека тројца републикански сенатори не гласаа.
Тоа претставува победа за конгресмените што тврдат дека овластувањето за испраќање трупи во војна треба да го има Конгресот, како што е предвидено со американскиот устав, а не претседателот.
Ако резолуцијата биде усвоена во 100-члениот Сенат, ќе мора да помине и во Претставничкиот дом, каде што републиканците имаат мнозинство.
За да биде поништен очекуваниот вето-потег на Трамп, ќе биде потребно двотретинско мнозинство во двата дома на Конгресот.
Ова беше второ гласање во Сенатот за воените овластувања на претседателот од 1 мај.
Тогаш истече рокот од 60 дена во кој Трамп требаше да побара одобрение од Конгресот за продолжување на војната.
Според американскиот Закон за воени овластувања од 1973 година, донесен како одговор на Виетнамската војна, американскиот претседател може да води воена акција 60 дена.
По истекот на тој рок, претседателот мора да побара одобрение од двата дома на Конгресот за да ја продолжи воената акција или да добие дополнителни 30 дена заради обезбедување време на повлекување на трупите.
Трамп на 1 мај изјави дека примирјето ја прекинало војната и дека не мора да му се обраќа на Конгресот.






