Кинескиот претседател Си Џинпинг организираше свечен пречек за рускиот претседател Владимир Путин, со почесна гарда, додека деца мавтаа со кинески и руски знамиња.
Покрај формалните разговори, двајцата лидери ќе го завршат денот со неформална чајанка.
Набргу по посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Кина, посетата и резултатите од самитот меѓу кинескиот и рускиот претседател ќе бидат внимателно следени и споредени, објави Ројтерс.
Си рече дека двете земји треба да се фокусираат на долгорочна стратегија и да промовираат „поправеден и поразумен“ систем на глобално управување, објави кинеската новинска агенција Синхуа.
„Причината зошто односите меѓу Кина и Русија го достигнаа ова ниво е затоа што успеавме да ја продлабочиме меѓусебната политичка доверба и стратешката соработка“, рече Си на почетокот од средбата со Путин.
Москва особено ја нагласи важноста на зајакнувањето на енергетските врски.
Путин рече дека нивниот однос помага да се обезбеди глобална стабилност и нагласи дека Русија останува сигурен снабдувач на енергенти во услови на превирања на Блискиот Исток.
„Дури и во услови на неповолни надворешни фактори, нашата соработка и економски врски продолжуваат да покажуваат добра… динамика“, рече Путин, додавајќи дека го поканил Си да ја посети Русија следната година.
Путин му рекол на Си на состанокот дека односите меѓу двете земји достигнале „невидено високо ниво“.
Путин, кој го нарече Си „драг пријател“, додека Си го нарече „стар пријател“, пристигна во посета во време кога билатералната трговија се опоравува по падот минатата година. Трговската размена меѓу двете земји порасна за 16,1 процент во првите четири месеци од оваа година во споредба со истиот период во 2025 година.
Кремљ соопшти дека има „големи очекувања“ за посетата на Путин, за време на која, покрај разговорите, ќе бидат потпишани голем број документи, а ќе се одржи и чајанка каде што двајцата лидери ќе разговараат за клучни меѓународни прашања во неформална средина.
Се очекува да бидат потпишани околу 40 документи и заедничка изјава од 47 страници за зајакнување на партнерството, соопшти Кремљ.
Се очекува лидерите да разговараат и за гасоводот „Моќта на Сибир 2“, кој треба да ја поврзе Русија со северна Кина.
Таканареченото партнерство без граници меѓу Кина и Русија се зајакна откако Западот воведе санкции за да ја казни Русија поради војната во Украина, наведе Ројтерс.






