Преговарачите од Европскиот парламент, Советот на ЕУ и Европската комисија постигнаа компромис по повеќе од пет часа разговори за законодавството потребно за спроведување на договорот постигнат минатото лето во голф-резортот на Трамп, Тарнбери, во Шкотска.
Според договорот, ЕУ се согласи да ги укине тарифите за американските индустриски стоки и некои земјоделски производи, додека Вашингтон ќе ги ограничи тарифите за поголемиот дел од европскиот извоз на 15 проценти.
Брисел го забави донесувањето одлука откако Трамп се закани дека ќе го преземе Гренланд, данска територија, во јануари, а потоа и откако американксиот Врховен суд го поништи поголемиот дел од неговата тарифна политика во февруари.
„ЕУ уште еднаш покажа дека сме многу сигурен трговски партнер кој ги почитува своите обврски“, рече европскиот комесар за трговија, Марош Шефчовиќ, по разговорите.
Договорот беше постигнат откако Трамп, незадоволен од одложувањето, се закани дека ќе воведе царини од 25 проценти за европските автомобили од 4 јули.
Според конечниот текст на компромисот, Европската комисија ќе може да го суспендира договорот ако САД не ги намалат царините за европскиот челик и алуминиум до крајот на 2026 година.
Царините на Трамп за челик и алуминиум достигнуваат и до 50 проценти, а многу европски пратеници тврдат дека ова ги крши ограничувањата договорени во Тарнбери.
Договорот, исто така, вклучува и таканаречена „сансет клаузула“ според која договорот би истекол во декември 2029 година, речиси една година откако Трамп треба да ја напушти Белата куќа.
Текстот, исто така, вклучува заштитни мерки што ѝ овозможуваат на Комисијата да испита дали увозот претставува сериозна закана за европската индустрија, што може да доведе до делумно или целосно суспендирање на договорот.
Сепак, барањето на Европскиот парламент договорот автоматски да се поништи ако САД повторно го загрозат територијалниот суверенитет на ЕУ, како што се заканите на Трамп за Гренланд, не беше прифатено. На овој предлог се спротивставија земјите-членки.
За договорот треба да се гласа на пленарната седница на Европскиот парламент од 15 до 18 јуни во Стразбур.
Некои либерални и левичарски европратеници продолжуваат да се спротивставуваат на договорот и најавија дека може да гласаат против компромисот.
Од друга страна, Европската народна партија, најголемата група во Парламентот, го поддржува договорот.
„Тоа ќе ги спаси нашите компании и ќе им даде простор да продолжат да тргуваат со нашиот најважен партнер“, рече европратеничката од ХДЗ, Жељана Зовко, која учествуваше во преговорите.
Претседателот на парламентарниот трговски комитет, Бернд Ланге, исто така изрази задоволство од постигнатиот компромис.
„Ние обезбедуваме стабилност и безбедност за европските производители, свесни дека не можеме секогаш да гарантираме дека САД ќе се придржуваат до договорот“, рече тој.






