среда, 8 јули 2026

Ни за, ни против, Уставен суд ја одложи одлуката по иницијативата на Левица и Демократи за Изборниот законик

Уставниот суд на денешната седница не донесе одлука за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик, по иницијативата поднесена од политичките партии Левица и Демократи. Предлогот на судијата известител Осман Кадриуне доби пет гласа од вкупно седум присутни судии, па предметот останува отворен за повторно гласање, информираа од Уставниот суд.

Објавено на

часот

Сподели

На седницата присуствуваа седум уставни судии, а предлогот за поведување постапка е на судијата известител Осман Кадриу. За да биде прифатен предлогот, потребно е мнозинство од пет гласа, но таква поддршка нема.

„Судијата Кадриу како подносител предложи да се поведе постапка и да се оценуваат одредбите од Изборниот законик, но тој предлог не доби мнозинство, односно немаше пет судии кои го поддржаа“, објаснуваат од Судот.

Оттаму додаваат дека по ваквиот исход, предметот не е затворен, туку останува во фаза на одлучување и повторно ќе биде ставен на гласање на некоја од следните седници.

Според процедурата, доколку при гласањето има пет гласа против поведување постапка, тогаш автоматски следува обратен предлог, да не се поведе постапка. Но, во овој случај нема потребно мнозинство ниту за прифаќање на иницијативата, ниту за формално одбивање.

Од Левица  претходно оценија дека денешната седница ќе биде тест дали институцијата што треба да биде последниот чувар на Уставот ќе го заштити принципот на еднаквост или ќе го легализира единствениот случај на институционализирана политичка цензура во поновата македонска демократија.

„Одлуката што ќе ја донесе Уставниот суд ќе покаже дали оваа институција воопшто ја врши својата функција или ќе стане последната алка во легализирањето на партиски конструирана нееднаквост. Доколку Судот ја аминува оваа одредба, ќе испрати порака дека Уставот завршува таму каде што започнува интересот на ДПМНЕ и трулиот бипартизам. Со таква одлука, Уставниот суд ќе биде инструмент за цементирање на партиските канџи врз изборниот процес и политичкиот плурализам“, велат од Левица.

Иницијативата на Левица пред Уставниот суд оспорува делови од Изборниот законик, оценувајќи дека постојните правила за распределба на медиумскиот простор и јавните средства за политичко рекламирање создаваат нееднаквост меѓу политичките субјекти.

Во иницијативата се наведува дека одредбите од Изборниот законик овозможуваат привилегиран третман на најголемите партии, додека помалите партии и другите учесници во изборниот процес имаат ограничен пристап до медиумите и до ресурсите што се обезбедуваат за изборна кампања.

Подносителот смета дека Изборниот законик треба да обезбеди еднаков третман на сите регистрирани политички партии, без разлика дали се парламентарни или вонпарламентарни, бидејќи медиумската застапеност директно влијае врз видливоста на кандидатите и можноста граѓаните да се информираат за нивните програми.

Во иницијативата се посочува дека во практиката одредбите се толкуваат така што најголем дел од времето во медиумите и од државната поддршка за политичко рекламирање го добиваат двете најголеми партии од власта и двете најголеми партии од опозицијата.

„Во практиката произволно се толкува и двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии. На овој начин, четирите најголеми партии-по две од власта и две од опозицијата добиваат привилигиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се потполно исклучени, се наведува во иницијативата“, се наведува во иницијативата на Левица.

Од Демократи тврдат дека ваквиот пристап е спротивен на уставните начела за политички плурализам, еднаквост на граѓаните и слободно политичко здружување. Според нив, оспорените одредби создаваат нерамноправна положба, бидејќи обезбедуваат 80 отсто од бесплатниот рекламен простор само за четири политички партии, додека останатите учесници добиваат само 20 отсто од вкупниот простор за реклами и билборди.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ