Денес повторно сведочиме на обиди за реанимација на проектите за „големи држави“, процес кој се храни од системски одржуваниот српско-албанско-хрватски и македонско-бугарско-грчки антагонизми. Во оваа опасна геополитичка игра, држави како Македонија, Босна и Херцеговина и Црна Гора често се третираат како најобична колатерална штета – како потрошен материјал кој треба да изгори за туѓо стратешко етаблирање.
Тоа е суштината на балканската трагедија: малите држави ретко се рушат само однадвор. Тие најчесто се разјадуваат одвнатре, преку наративи, институции, елити и стравови кои не се создадени за нивно ослободување, туку за нивно држење во трајна зависност. Балканот не е само географија – туку тој е лабораторија на недовршени државности, управувани идентитети и киднапирани институции. Затоа и секоја криза во регионот многу брзо престанува да биде локална. Таа станува инструмент во рацете на поголеми актери.
Во поширокиот геополитички контекст, оваа ранливост на регионот не останува неискористена. Соочена со сопствената технолошка инфериорност, економска исцрпеност и објективното отсуство на модерни културни и цивилизациски алатки за „извоз на влијание“, Русија кон Балканот го извезува она што најдобро го произведува: нестабилност. Тоа е нејзиниот најконкурентен стратегиски производ. Не развој, не модернизација, не знаење, не институционална култура, туку сомнеж, поделба, страв и цинизам кон секоја западна интеграција.
Оваа малигна стратегија совршено наоѓа плодна почва кај оние регионални центри на моќ кои никогаш вистински не се помирија со распадот на Југославија. Тие формално го прифатија новиот поредок, но суштински продолжија да размислуваат во категориите на стари хегемонии. Нивната цел не е реконструкција на поранешната федерација, бидејќи тоа е невозможно. Целта е нешто многу попрактично и поопасно: одржување на контролирана нестабилност во која малите држави никогаш нема да станат доволно суверени, институционално стабилни и европски интегрирани за да излезат од туѓата орбита.
Овде на сцена стапува еден перфиден социолошки и политички инженеринг – наменската инструментализација на југословенскиот наратив. Колку и да бил тој систем добар, стабилен или функционален за една генерација, тој од аспект на денешната политичка реалност претставува дефинитивно минато завршено време. Но токму затоа е погоден за манипулација. Минатото, кога ќе се одвои од фактите и ќе се претвори во емоција, станува моќна политичка алатка.
Денес сведочиме на очајнички обиди за одржување влијание преку злоупотреба на емоцијата кон една завршена младост. Се манипулира со луѓето кои објективно биле среќни во тој систем, кои имале сигурност, работа, социјален статус и чувство на припадност. Нивната природна носталгија се претвора во политичко оружје. Но целта не е враќање во минатото. Никој сериозен не верува дека може да се врати Југославија. Целта е блокирање на иднината. Целта е Македонија да остане заробена во туѓа меморија, туѓ јазик на разбирање на себе, туѓи историски рефлекси и туѓи политички стравови.
Ако ги анализираме овие процеси низ призмата на реалниот конструктивизам (види повеќе за основите на овој теоретски концепт), станува кристално јасно дека надворешните закани се материјализираат преку нашите сопствени политички елити. Ниту еден надворешен актер не може долгорочно да управува со една држава ако во неа нема домашни посредници, локални изведувачи и институционални чувари на туѓиот интерес. Токму тука се наоѓа најголемиот македонски проблем. Наместо како државници, голем дел од политичките елити функционираат како затворени „етно-клубови“, длабоко водени од чувство на инфериорност, историска несигурност и фрапантна некритичност кон сопственото непознавање.
Нивната политика не создава автентична државна позиција. Таа само администрира туѓи конструкти. Наместо да ги дефинира националните интереси врз основа на реалност, знаење и стратегиска зрелост, таа ги повторува старите формули, старите непријателства и старите митови. Таквата политика не произведува суверенитет. Таа произведува зависност. Најочигледниот и најболен доказ за тоа е нашиот однос кон соседите, особено кон Бугарија. Ние сè уште сме заробеници на историски наративи и конфликти дизајнирани во минатиот век, кои не служеа на нашите национални интереси, туку на потребите на тогашните туѓи балкански хегемонии.
Тој дискурс, спроведуван повеќе од еден век, не само што ни нанесува сериозна политичка и дипломатска штета, туку претставува и директна навреда за здравиот ум и разум. Како научник, сметам дека е поразувачки да се гледа како очигледни, проверливи и непобитни факти секојдневно се релативизираат, игнорираат или прогласуваат за предавство само затоа што не се вклопуваат во наследената идеолошка матрица. Општество кое се плаши од фактите не може да биде слободно. Држава која својата историја ја третира како полициско досие, а не како научно поле, не може да изгради зрела иднина. Прашањето затоа не е само зошто Македонија има проблем со соседите. Подлабокото прашање е: зошто Македонија има проблем со сопственото ослободување од наметнатите матрици кои ја влечат кон дното?

Одговорот лежи во генезата на нашиот систем и во објективното отсуство на суштинско расчистување со комунистичкото владеење. Поради нецелосната, селективна и компромитирана лустрација, стариот разузнавачки и политичко-безбедносен апарат никогаш не беше вистински демонтиран. Тој само се трансформираше. Ги смени формите, јазикот и партиските маски, но го задржа монополот врз моќта, врз досиејата, врз стравот и врз неформалните канали на контрола. Институционалниот интегритет е до тој степен еродиран што безбедносниот сектор – оној кој по дефиниција треба да го штити уставниот поредок, националната безбедност и демократската стабилност – во значителен дел се претвори во чувар на статус-квото. Наместо систем за рано предупредување, тој често функционира како систем за рано задушување на секоја автентична промена. Наместо да ги штити институциите од инфилтрација, тој самиот станува механизам преку кој старите наративи преживуваат, се репродуцираат и се наметнуваат како единствена дозволена вистина.
Овие структури се толку длабоко етаблирани што секој обид за научно, критичко и објективно деконструирање на нивните митови го перципираат како егзистенцијална закана. А кога еден систем на моќ се чувствува загрозен, тој ретко се брани со аргументи. Тој се брани со дискредитации, монтирани обвиненија, медиумски линч, институционален притисок и производство на страв. Во македонската политичка историја има доволно темни епизоди кои покажуваат колку е опасно кога државата не е целосно ослободена од своите паралелни центри на моќ.
Нерасветлениот атентат врз претседателот Киро Глигоров останува најмрачниот симбол на таа длабока државна сенка. Тој настан не е само историска траума, туку траен потсетник дека македонската независност никогаш не била само формален чин на меѓународно признавање. Таа била и останува борба против структури, интереси и наративи кои не сакаат Македонија да излезе од зацртаната балканска орбита.
Во ваква констелација, каде државата е земена како заложник од сопствениот апарат, а внатрешните механизми за корекција се блокирани преку страв, манипулација и идеолошка конфузија, излезот не може да се бара во празни политички фрази. Не е доволно да се зборува за реформи, ако реформите ги спроведуваат истите мрежи кои имаат интерес од нивно симулирање. Не е доволно да се повикуваме на суверенитет, ако тој суверенитет е киднапиран од неформални структури. Не е доволно да се бара национално единство, ако тоа единство се гради врз историски лаги и страв од вистината.
Единственото долгорочно, одржливо и реално решение е целосната интеграција на Македонија во Европската Унија. Членството во ЕУ не е само економски или административен процес. Тоа е егзистенцијален безбедносен штит. Тоа е механизам за излез од балканската цикличност на кризи, митови и хегемонии. Европската интеграција ги девалвира идеите за промена на границите, го намалува просторот за малигно влијание на регионалните хегемони и наметнува стандарди кои, ако се спроведат суштински, мораат да го демонтираат заробениот државен апарат.

Само преку процесот на европеизација можеме да ги проветриме институциите, да ги исчистиме од историските фикции, злоупотребената носталгија и безбедносните сенки на минатото. Само така можеме да изградиме систем базиран на факти, владеење на правото, одговорност и институционална транспарентност. Европа не е магично решение, но е единствената рамка која може да ја принуди Македонија да стане нормална, функционална и предвидлива држава.
Време е да престанеме да бидеме објект во туѓите планови. Време е да ги отфрлиме наративите кои нè држат во заробеништво и да престанеме да ја браниме сопствената несреќа како национална доблест. Патот кон Европа не е бегство од идентитетот, туку пат кон негово конечно ослободување од туѓите конструкции. Тоа е патот кон нашето институционално, политичко и ментално созревање. И ако Македонија сака да преживее како сериозна држава, тој пат повеќе не е избор. Тој е историска неопходност.
Aлександар Иванов













