вторник, 19 мај 2026

Трансплантација на мозок – зошто пренесувањето на свеста во ново тело е сè уште домен на научна фантастика

Во криогените комори во Аризона, наводно, се чуваат повеќе од 150 глави, со надеж дека напредокот на медицината ќе овозможи нивно враќање во живот. Сепак, се поставува прашањето зошто овие мозоци едноставно не биле трансплантирани во нови тела додека сè уште биле свежи.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Поврзувањето на нервите на дарителот и примателот за потенцијална трансплантација на мозок е едно. Да се натераат тие да комуницираат е сосема друго. Во установата „Алкор“ во Аризона, повеќе од 150 глави чекаат во криогени комори, зачувани со надеж дека идниот медицински напредок ќе може да ги врати во живот во нови тела.

Со оглед на тоа што научниците сè уште не можат да оживеат криогено зачуван мозок, се поставува прашањето зошто таква процедура не би можела да се изведе денес.

Доктор Макс Крукоф, доцент по неврохирургија на Медицинскиот колеџ во Висконсин, повеќе би сакал таквата процедура да ја опише како трансплантација на тело. За разлика од пациент кој добива срце или црн дроб од дарител, пресадувањето мозок во тело на пациент би го направило „целосно ново човечко суштество“, како што навел во интервју за Лајв сајенс. „Вашата личност, вашиот идентитет, се содржани во вашиот мозок.“

Најголема пречка: Прекинати врски на централниот нервен систем

Оставајќи ја семантиката настрана, Крукоф вели дека оваа трансплантација во моментов е невозможна бидејќи хирурзите сè уште не можат да воспостават сигнални врски помеѓу нервите во централниот нервен систем, кој ги вклучува мозокот и ‘рбетниот мозок.

Трансплантираните периферни нерви, односно оние што се разгрануваат низ телото надвор од мозокот и ’рбетниот мозок, со текот на времето можат да комуницираат со своите нови соседни нерви, бидејќи тие нервни клетки можат да се регенерираат.

Од друга страна, постојат малку докази дека централниот нервен систем кај возрасен човек може да создава нови неврони, а ако тоа се случува, тогаш е во многу ограничена мера.

Хирурзите сè уште не можат повторно да воспостават сигнални врски меѓу нервите во централниот нервен систем.

Дури и делумна трансплантација на мозок, како што е замена на малиот мозок, засега не доаѓа предвид. Малиот мозок е дом на милиони специјализирани неврони наречени Пуркиниеви клетки, од кои секоја прима сигнали од илјадници други неврони.

„Бројот на врски е експоненцијален“, нагласува д-р Крукоф. „Тоа е далеку над нашите можности.“ Теоретски, наједноставната трансплантација на мозок би била поврзување на мозокот и телото на ниво на ‘рбетниот мозок.

Хирург би можел да ја поврзе кожата, мускулите, крвните садови и коските во вратот, па дури и да ги усогласи нервите на ‘рбетниот мозок, „но, сè уште не сме сфатиле како да ги натераме клетките да комуницираат“, објасни Крукоф.

Историја на контроверзни обиди

Идејата за трансплантација на глава не е нова. Експериментите врз животни започнале уште на почетокот на 20 век, со развојот на нови техники за шиење крвни садови. Повеќето кучиња и мајмуни вклучени во тие експерименти преживувале најмногу неколку дена. Почнувајќи од 1970 година, д-р Роберт Џ. Вајт пресадувал глави од мајмуни на тела на други мајмуни. Животните можеле да џвакаат и да голтаат храна, но ниту едно не преживеало подолго од девет дена.

Инспириран од оваа работа, италијанскиот хирург д-р Серџо Канаверо во 2013 година ја претставил својата визија за првата трансплантација на човечка глава, што предизвикало противење од колегите поради етички и научни причини.

Неговата објава од 2017 година дека ја извел првата трансплантација на глава на човечки труп, био-етичарот Артур Каплан од Универзитетот во Њујорк ја опишал како „продолжение на измама достојна за презир“ и укажал на веројатноста за имунолошко отфрлање, како и на огромниот предизвик за поврзување на мозокот со целосно нови нервни импулси.

Иднината во матични клетки и роботика

Иако хирургот не може да замени еден мозок со друг, трансплантациите на матични клетки или органоиди еден ден би можеле да го обноват оштетеното или заболеното мозочно ткиво. Матичните клетки програмирани да се развијат во неврони може да имаат поголеми шанси за интеграција во постојните невронски кола отколку зрелите неврони, вели Раслан Раст, доцент по истражувачка физиологија и невронаука на Медицинскиот факултет „Кек“ при Универзитетот во Јужна Калифорнија.

Нашата личност и нашиот идентитет се наоѓаат во нашите мозоци

Во идеален случај, овие матични клетки би можеле да се добијат од сопственото ткиво на пациентот за да се намали веројатноста за имунолошко отфрлање. Терапиите со матични клетки веќе се тестирани во клинички испитувања за Паркинсонова болест, мозочен удар и повреди на ‘рбетниот мозок, но ниту еден од овие третмани сè уште не е комерцијално одобрен.

Матичните клетки исто така се користат за создавање лабораториски модели на нервно ткиво, наречени органоиди, кои можат да се трансплантираат во мозокот. Студија од 2023 година покажала дека човечките мозочни органоиди би можеле да поправат оштетен кортекс кај стаорци, иако терапиите базирани на трансплантација на органоиди сè уште се со години далеку од практична примена.

Сепак, напредокот во сродните области буди оптимизам. Концептот „БреинБриџ“, претставен во 2024 година, предвидува целосно роботизиран систем управуван од вештачка интелигенција за трансплантација на глава, кој би го минимизирал оштетувањето на мозокот.

„Прашањето вредно милијарда долари е како да ги натераме трансплантираните клетки да станат клетките што ги посакуваме и како да обезбедиме тие да се интегрираат во локалните нервни кола каде што сакаме да се вклучат“, истакнал Раст.

Додека трансплантацијата на цел мозок останува надвор од дофат, научниот напредок во регенерацијата на нервите, роботиката и невронауката постепено решава дел од фундаменталните проблеми, отворајќи врата кон иднина во која поправката, ако не и замената, на најсложениот човечки орган би можела да стане реалност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ