вторник, 19 мај 2026

Димитриеска-Кочоска: Обезбедивме најповолни услови за задолжување

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека најновото надворешно задолжување на државата ќе се реализира под поповолни услови, со пониски каматни стапки и подолг рок на отплата, што според неа претставува показател за зголемена доверба на меѓународните финансиски институции во македонската економија.

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за телевизијата „Алфа“, таа посочи дека Министерството за финансии испратило барање до 14 банки, од кои осум доставиле понуди за задолжувањето предвидено со Законот за задолжување кај странски банки.

„Во согласност со буџетот за 2026 година, предвидено беше задолжување од 1,3 милијарди евра на странскиот пазар, од кои една милијарда преку еврообврзница, што беше реализирано на почетокот на годината, а остатокот до 300 милиони евра дополнително на надворешен пазар“, изјави Димитриеска-Кочоска.

Таа нагласи дека најповолната понуда што ја добиле е со каматна стапка пониска од онаа на актуелната обврзница што се тргува на секундарниот пазар.

Министерката посочи дека земјава обезбедила подобри услови од дел од државите во регионот, наведувајќи дека Црна Гора има повисока каматна стапка за петгодишен кредит, додека Романија, според неа, во периодот на издавање на македонската еврообврзница имала каматна стапка над пет проценти.

„Македонија и понатаму е под нивото од 60 проценти јавен долг во однос на БДП, што е подобра позиција во споредба со дел од земјите во регионот и членките на Европската Унија“, рече Димитриеска-Кочоска.

Таа додаде дека позајмените средства, според владината политика, треба да се насочуваат кон капитални инвестиции, инфраструктура и проекти што носат економски раст.

Воедно информираше дека во Министерството за финансии се подготвува и ребаланс на буџетот, при што се анализираат можностите за заштеди и потребите од дополнителни средства за реализација на проекти и политики.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ