Според ДЗР, една од најголемите разлики е забележана кај мерката за самовработување.
Според ревизијата, 62,05 проценти од средствата за оваа мерка биле реализирани преку центрите за вработување во само пет градови, Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Пробиштип, додека останатите региони добиле значително помал удел.
„При распределбата на средствата не е обезбеден принципот на рамномерен регионален развој. Кај одделни активни мерки исплатите во скопскиот и дел од западните плански региони ја надминувале утврдената квота и до четири пати, додека регионите од централниот и источниот дел на државата добиле помал обем на средства“, констатирале ревизорите.

Договори од три дена, повторно вработување и исплата на надоместоци – слабости во системот
Покрај распределбата на активните мерки, ревизијата покажала проблеми и кај исплатата на паричниот надоместок за невработени лица.
Во 2024 година АВРМ исплатила околу 21,5 милиони евра за парични надоместоци во случај на невработеност. Најголем дел од исплатите, 67,91 проценти, биле поврзани со престанок на работен однос на определено време. Ревизорите особено се осврнале на констатираните случаи со краткорочни договори за вработување.
„Утврдено е дека најголемиот дел, односно 67,91 отсто од исплатениот износ за паричен надоместок во случај на невработеност во текот на 2024 година е по основ на престанок на работниот однос склучен на определено време, При ревизијата се констатирани случаи на договори за вработување на определено време склучени во траење од само три дена, договори продолжувани над законскиот максимум од пет години, како и повторно вработување кај истиот работодавач по користење на правото на паричен надоместок, што упатува на потреба од зајакнување на контролите при остварувањето на ова право“, пишува во Извештајот на ДЗР.

Според ДЗР, ова укажува на потреба од посилни механизми за проверка при остварувањето на правото на надоместок.
Во Ревизорскиот извештај уште се посочува на (не)ефикасноста на активните политики за вработување односно мерката за обуки за напредни ИТ вештини. За оваа програма биле исплатени околу 1,39 милиони евра, но, резултатите покажале дека од 735 кандидати, само 184 успешно го положиле завршниот испит.
„Само 184 од 735 кандидати (25,03 отсто) успешно го положиле завршниот испит, што укажува на ниска ефикасност на мерката“, се наведува во Извештајот.
Ревизорите констатирале неправилности и кај трошоците за адвокатски услуги.
АВРМ во 2024 година исплатила над 93.000 евра за адвокатски услуги, медијација, вештачења и судски такси. Од нив, 77,46 проценти му биле исплатени на еден адвокат, а за другиот дел од трошоците, ДЗР не обезбедил целосна документација.
Според ДЗР, проблемите се поврзани со недоволно разработени процедури, ретки теренски проверки и нецелосна документација.
„Со извршената ревизија во континуитет нагласуваме дека Посебниот фонд за вработување на инвалидни лица не ги добива сите средства што му следуваат согласно закон. Во делот на Останати прашања се истакнува дека правилата за остварување на правото на паричен надоместок во случај на невработеност не се доволно јасни и прецизни, што во пракса создава различно толкување и нееднакво постапување. Не се јасно дефинирани сите услови кога лицето стекнува или губи право на надоместок, како и начинот на пресметка во одредени ситуации, особено кај работа со скратено работно време и различни видови престанок на работен однос. Поради тоа, АВРСМ во пракса постапува различно во слични случаи. Овие недоречености доведуваат до правна несигурност, поголем број жалби и судски постапки, како и ризик различни категории на осигуреници да не бидат еднакво третирани, иако сите уплаќаат ист придонес за осигурување во случај на невработеност“, констатирале ревизорите.

За надминување на утврдените состојби, ДЗР дал препораки со цел АВРМ да преземе мерки и активности за отстранување на констатираните неправилности.
И.О.





