четврток, 9 јули 2026

Нереди во Лавов за време на мобилизација, превртено воено возило (ВИДЕО)

Во Лавов, град во западна Украина, синоќа избувна судир за време на проверка на воената документација во рамките на мобилизацијата. При тоа беше превртено службено возило на Територијалниот центар за регрутација (ТЦР), украинската институција задолжена за воената евиденција и мобилизацијата, објави Суспилне.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Според првичните информации од полицијата, за време на проверката бил пронајден маж роден во 1996 година, по кого се трагало поради избегнување на воената служба.

Портпаролката на Главната управа на Националната полиција во Лавовската област, Алина Подрејко, изјави дека полицајците на местото на настанот го обезбедувале јавниот ред и мир.

„Прелиминарно е утврдено дека за време на проверката на граѓани во рамките на мобилизацијата бил пронајден маж по кого се трагало поради избегнување на воената служба“, рече Подрејко.

Според неа, по мажот се трагало од 12 јуни.

Лавовскиот регионален Територијален центар за регрутација и социјална поддршка на Фејсбук објави дека нивните службеници на 8 јули околу 21:30 часот, на улицата Стријска, заедно со полицијата, запреле маж за проверка на воената документација.

„За време на проверката беше утврдено дека мажот од 12 јуни 2026 година ги прекршил правилата за воена евиденција. Тој беше однесен во ТЦР, а во 00:20 часот беше упатен на воено-лекарска комисија“, се наведува во соопштението.

„На местото на настанот остана друга група од ТЦР, која беше блокирана од група непознати лица. Таа група го опколи службеното возило на војниците, се однесуваше агресивно, значително го оштети и на крајот го преврте. Полицијата работи на местото на настанот. Сите случувања ќе добијат соодветна правна оценка, а виновниците ќе сносат одговорност предвидена со закон“, се додава во соопштението.

Дописничката на Суспилне разговарала со луѓето што се собрале на местото на настанот.

„Дојдовме и видовме дека нешто се случува. Дојдоа и го ставија момчето во комбето. Кога ние стигнавме, возилото веќе беше превртено. Имаше многу луѓе, многу полиција. Полицијата се плашеше да се приближи. Едноставно се плаши од луѓето“, рекол маж по име Јевхен.

Жена по име Олја исто така ги опишала случувањата.

„Го претепаа, го турнаа во комбето и избегаа. Луѓето се побунија. Чекаме да го вратат момчето. Ветуваат дека ќе го вратат, но веќе два часа чекаме, нема никаков резултат. Почнавме да го блокираме патот за да го вратат момчето дома. Ваквиот однос кон луѓето веќе ни е преку глава. Постои закон, постојат правила. Никој нема право да киднапира дете и да го фрла во комби. Требаше да го запрат и да му врачат повик. Ако не се појавеше, тогаш ќе преземеа други мерки“, рече таа.

Градоначалникот на Лавов на Фејсбук напиша дека се утврдуваат сите околности на случајот и вети дека ќе објави детали откако ќе добие целосни и проверени информации.

Началникот на Лавовската регионална воена управа, Максим Козицкиј, објави дека поради ситуацијата бил одржан итен состанок со безбедносните служби.

„Примарна задача е да се обезбеди јавниот ред! Сите што извршиле прекршоци, вклучително и попречување на работата на војниците, мора да бидат идентификувани и повикани на одговорност“, стои во неговата објава.

Козицкиј додаде дека регионалниот ТЦР ќе спроведе службена истрага за законитоста на постапувањето на своите припадници при приведувањето на мажот по кого се трагало.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ