Во реакцијата, Филков истакнува дека правосудниот испит не треба да се третира како политичко прашање, туку како прашање на стручност, професионалност и почитување на правниот поредок.
Тој нагласува дека обидите законската обврска за познавање на македонскиот јазик да се прикажат како дискриминација се, како што вели, опасна манипулација и удар врз уставниот поредок.
Министерот посочува дека македонскиот јазик е службен јазик на целата територија на државата и темел на институционалниот и правниот систем.
Во реакцијата се додава дека чувствителни прашања поврзани со правосудниот систем не смеат да се користат за политички поени или за поттикнување меѓуетнички тензии.
Филков наведува дека правосудниот испит се спроведува согласно важечките закони и стандарди, а не под влијание на дневна политика или притисоци од улица. Тој додава дека правото на протест е демократско, но не и наметнување на промена на критериумите преку насилни протести.
Министерството за правда, како што се наведува, останува отворено за институционален дијалог, но нема да дозволи, како што велат, девалвација на правосудниот систем и поткопување на улогата на македонскиот јазик.






