вторник, 19 мај 2026

Меркел: ЕУ треба да разговара со Русија

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ја критикуваше Европската Унија за тоа што не го користи своето дипломатско влијание за да помогне во окончувањето на конфликтот во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Мислам дека воената поддршка која ја обезбедивме досега е апсолутно исправна. Исто така, мислам дека е исправно да се направи многу повеќе за да се создаде ефект на одвраќање покрај нашата поддршка за Украина. Она за што жалам е што Европа, според мене, не го користи доволно својот дипломатски потенцијал“, кажа Меркел во интервју за јавниот сервис ВДР. „Не е доволно само Доналд Трамп да одржува контакт со Русија“, додаде таа.

Расте притисокот врз Европа да назначи специјален пратеник за мировните преговори меѓу Русија и Украина, потсетува порталот Политико и додава дека и Москва и Киев сигнализираа отвореност за таков медијатор во време кога преговарачкиот тим на Трамп е целосно фокусиран на американско-израелската војна со Иран.

Меркел, која беше германска канцеларка од 2005 до 2021 година, изјави дека за време на нејзиниот последен состанок на Европскиот совет во октомври 2021 година, на крајот од нејзиниот мандат – четири месеци пред почетокот на војната во Украина – предложила воспоставување дипломатски формат меѓу ЕУ и Русија. Сепак, таа додаде дека обидот не успеал поради различните ставови во рамките на блокот за тоа како најдобро да се однесува со Москва.

„Мора да продолжите да работите на тоа сè додека не дојдете до заеднички став“, кажа таа, осврнувајќи се на разликите во рамки на блокот. „Дипломатијата отсекогаш била другата страна на медалот, дури и за време на Студената војна“.

Наследството на Меркел е под лупа во последниве години поради зголемената зависност на Германија од рускиот гас за време на нејзиниот мандат, а критиките се интензивираа откако почна нападот на Москва врз Украина пред четири години.

Сепак, нејзиното претходно преговарачко искуство и со Владимир Путин и со Володимир Зеленски доведе до тоа името на Меркел да се спомене како еден од можните кандидати за функцијата мировен претставник на ЕУ кој би помогнал во решавањето на конфликтот.

Меркел, сепак, изјави дека нејзиниот кабинет не добил никакво официјално барање во врска со ова, објавува Политико. Таа нагласи и дека верува оти само оние на власт се кредибилни преговарачи, потсетувајќи се на своите искуства со Путин по неговата анексија на Крим во 2014 година.

„Можевме да ги водиме тие преговори со претседателот Путин само затоа што имавме политичка моќ, затоа што бевме шефови на влади“, кажа Меркел. „Таа моќ ви е потребна. Мене лично никогаш не би ми паднало на памет да побарам медијатор да оди во Минск наместо мене да разговара со Путин… Мора да го земете тоа во свои раце“.

Договорите од Минск – постигнати во 2014 и 2015 година за запирање на борбите во источна Украина – не успеаја да обезбедат траен прекин на огнот поради неисполнувањето на договореното од страна на официјален Киев. Меркел подоцна призна дека преговорите биле само купување време за Киев подобро да се подготви за оружен конфликт со Москва.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ