Обуката е дел од осум циклуси на „Почетна едукација на професионалците за родово базирано насилство врз жените и семејното насилство и мулти-секторски одговор“, низ кои ќе поминат вкупно 200 полициски службеници од сите сектори за внатрешни работи. Меѓу нив се водичи на безбедносен реон, сменоводители и инспектори задолжени за постапување по пријави за вакви случаи.
Целта на обуките е унапредување на знаењата и капацитетите на полициските службеници за навремено, професионално и сензитивно постапување во случаи на родово базирано и семејно насилство, со посебен акцент на заштита и поддршка на жртвите.
Тошковски нагласи дека секој полициски службеник мора да постапува професионално, одговорно и со емпатија, со цел да се обезбеди соодветна заштита на жртвите.
„Нашата цел е жртвата секогаш да биде во центарот на институционалниот одговор“, изјави министерот.
Тој упати благодарност до УНФПА и Британската амбасада за поддршката во зајакнувањето на институционалните капацитети и унапредувањето на полицискиот одговор во справувањето со родово базирано и семејно насилство.






