вторник, 19 мај 2026

Насилство меѓу ученици, семејни тепачки и закани со оружје, билтенот на МВР полн со регистрирано насилство

Во текот на изминатото деноноќие полицијата евидентирала повеќе случаи на физички напади, семејно насилство и закани, меѓу кои и инциденти со малолетници и оружје.

Фото: Архива

Објавено на

часот

Сподели

Вчера вечер во СВР Скопје, 45-годишен скопјанец пријавил дека два часа после пладне во средно училиште на подрачјето на Карпош, неговата 17-годишна ќерка била физички нападната од нејзин соученик, кој според пријавата подолг период психички ја малтретирал. Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

ОВР Кочани пак, поднесе кривична пријава против 27-годишен жител на Кочани поради сомнение за телесна повреда, откако на 26 април физички ја нападнал својата сопруга и ѝ нанел повреди.

Во исто време во Скопје, пред почетокот на протест пред Министерството за правда, полицијата приведе тројца скопјани на возраст од 22 до 28 години, кои го нарушиле јавниот ред и мир со меѓусебна физичка пресметка. Тие се задржани во полициска станица и по документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

Во Полициското одделение Петровец, 74-годишен жител на село Сушица пријавил дека кај селската чешма бил физички нападнат од три лица по претходно недоразбирање. По целосно расчистување на случајот ќе следуваат соодветни мерки.

ОВР Кочани поднесе кривична пријава и против 52-годишен жител на село Тркање поради загрозување на сигурноста. Според полицијата, тој агресивно се однесувал кон 79-годишен жител на село Бели поради домашни животни кои паселе на негов имот, а потоа телефонски му се заканувал и на неговиот син.

Во уште еден сериозен инцидент во скопското село Кондово, 41-годишен маж пријавил дека бил нападнат пред својот дом од 18-годишник, кој го удрил со кундак од пиштол и му нанел повреда. Според пријавата, конфликтот настанал по претходна расправија меѓу две малолетнички, а кога таткото се обидел да интервенира, бил физички нападнат. Полицијата работи на расчистување на случајот.

Дополнително, ОВР Кочани поднесе известување против 16-годишник од село Тркање поради сомнение за загрозување на сигурноста, откако по расправија во село Оризари, со пиштол му се заканувал на 18-годишно лице.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ