понеделник, 18 мај 2026

Бурни аплаузи за хорот „Драган Шуплевски“ при ФМУ на светски фестивал за најквалитетни хорови

Хорот „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност од Скопје под раководство на маестро проф м-р Сашо Татарчевски учествуваше на фестивалот „Universitas Cantat“ којшто претставува форум на најквалитетните универзитетски хорски ансамбли од светот. Од Факултетот за музичка уметност информираат дека концертите кои овојпат биле во формација на женски хор, поминале со огромна посетеност и интерес.

Објавено на

часот

Сподели

Првиот концерт се одржал во градот Калиш, во катедралата „Св. Никола” по што свештеникот кој раководи со катедралата, организирал прием за хорот на кој била претставена и голема фреска на која биле претставени светите браќа Кирил и Методиј.

Вториот концерт се одржал во концертната сала на универзитетот „Адам Мицкјевич ” во Познањ. За овој концерт, маестро Татарчевски избрал програма со композиции од македонските бардови на хорското творештво како што се Тодор Скаловски, Трајко Прокопиев, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски.

„Посебно впечатливи и позитивни беа бурните реакции на останатите учесници на фестивалот, ансамбли од САД, Германија, Унгарија и Полска кои ги продолжија аплаузот и овациите и откако нашите девојки ја напуштија сцената“, велат од ФМУ.

Освен самостојните концерти, студентките учествувале и на организираните работилници и во заедничката подготовка и изведба на композицијата On – Off од композиторот Зузана Фалковска, специјално создадена за овој настан.

„Ваквите континуирани успешни настапи на хорот „Драган Шуплевски” значат голема афирмација за Факултетот за музичка уметност, УКИМ и за државата во целина и носат покани за учество и на други еминентни музички настани“, велат од ФМУ.

Настапите биле поддржани од Министерство за култура, а се под покровителство на претседателката на државата, Гордана Сиљановска – Давкова по повод 60 години ФМУ – Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ