понеделник, 18 мај 2026
Ѓoрѓи Илиевски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Обесправени студенти на Филозофскиoт факултет

По скандалите кои ги направија Филозофскиот факултет при УКИМ-Скопје, заедно со Министерството за образование и наука како правен субјект на Државниот просветен инспекторат врз обесправените студенти запишани на втор и трет циклус студии  на  факултетот, на Институтот за специјална едукација и рехабилитација-Скопје - кога немаа по кого, удрија по студентите!

За проблемите со запишаните и обесправени студенти на Филозофскиот факултет и на Институтот за специјална едукација и рехабилитација, треба да се знае дека вината не е во студентите, туку во деканската управа како одговорни за непочитување на уписната политика при УКИМ-Скопје. Деканот на Филозофскиот факултет Оливер Бакрески се обидува нешто да демантира, и за моите јавни настапи за овој скандал бара да му се извинам… во спротивно ќе покрене судска постапка. Со ваквото негово претање и заканување, ред е уште еднаш да ја запознам македонската јавност, како и целата академска јавност дека направениот скандал на Филозовскиот факултет при УКИМ Скопје лежи во деканските управи и одговорните за прием на  обесправените студенти.

На Филозофскиот факултет-Институтот за специјална еукација и рехабилитација -Скопје, по објавен  јавен конкурс биле запишани студенти на втор циклус на студии со стручни  тригодишни стручни студии со 180 ЕКТС кредити и специјалистички студии со 60 ЕКТС кредити во академската 2019/2020, 2020/2021, 2021/2022, 2022/2023, 2023/2024, 2024/2025 година.

Пред да се запишат на втор циклус на студии канидатите студенти се консултирале  со администрацијата задолжена за втор и трет циклус на студии на Филозофскиот факултет, при што добиле позитивен одговор дека имаат право да се запишат. Еве ја комуникацијата на еден од кандидатите за студент со одговорната за втор циклус на студии на Филозофскиот факултет: „Би сакал да Ве прашам за информации во врска со студирањето на втор циклус на студии, односно за втор циклус студии по специјална едукација и рехабилитација… Јас сум дипломиран физиотерапевт, специјалист по рехабилитација во ортопедија, хирургија и травматологија, ги имам потребните 240 кредити за да се запишам на магистратура по специјална едукација и рехабилитација кај лица со моторни нарушувања. Дали е возможно да студирам на претходно наведената програма за втор циклус со моето образование? Исто така, би сакал да Ве прашам во врска со плаќањето, дали имам можност за стипендија со оглед на тоа дека бев најдобар дипломиран студент на мојата генерација, а на специјалистичките студии бев со највисок просек… Секаква дополнителна информација во врска со специјална едукација и рехабилитација кај лица со моторни нарушувања би ми била од голема важност. Ви благодарам“.

Еве го одговорот од задолженото лице за втор и трет циклус на студии на Филозофскиот факултет: „Почитуван Д.А, Вие со задоволство може да се запишете на посакуваната студиска програма, попусти и ослободување немате, двата семестри ви се 60.000,00 денари кои можете да ги платите на 4 рати, секој испит ви е 2.000,00 денари. И одбраната на магистерскиот труд 45.800,00 кој ги плаќате пред одбрана на магистерскиот труд. До 10 октомври вие може да доставите документи кај мене во канцеларија. Со почит д-р С.Т.“.

Што стои во  член 135 став 3 од ЗВО за втор циклус на академски студии?

Согласно член 135 став 3 од Законот за високо образование (ЗВО) (Службен весник на Република Македонија бр.82/2018) за втор циклус на академски студии стои дека на постдипломски студии можат да се  запише лице кое завршило соодветни студиски програми од прв циклус. Универзитетот и неговите единици утврдуваат кои додипломски  студии се соодветни за упис на одделни студиски програми на постдипломските студии, како и условите за упис на кандидатите кои имаат завршено други студиски програми. А во подзаконскиот акт, односно согласно член 5 од Правилникот за  условите за запишување на втор циклус на студии, јасно е утврдено дека на академски студиски програми од втор циклус  можат да се запишат  не само лица кои завршиле прв циклус академски студии, туку и лица кои завршиле стручни студии при што факултетот има право, доколку е потребно, да пропише полагање на диференцијални испити во согласност со студиската програма. Правилникот предвидува дека единиците на универзитетот имаат автономно право да ги утврдат конкретните услови за запишување, кои се утврдуваат во конкурсот за запишување на студенти. Од тука произлегува дека запишувањето на кандидати со завршени стручни студии на академски студиски програми од втор циклус не претставува исклучок или неправилности, туку можност која е предвидена со правилникот, при што одговорноста за утврдување на условите и критериумите за запишување е во надлежност на самата високообразовна установа. Исто така, во членот 11 став 2 од Правилникот за условите за запишување на втор циклус на студии стои дека членовите на конкурсната комисија се избираат од страна на наставно-научниот совет на единицата, од редот на наставниците. Со комисијата раководи ПРОДЕКАНОТ ЗА НАСТАВА…“ (види Универзитетски гласник бр.417,29 јануари 2019 УКИМ).

Врз основа на тие информации, раководителот на колегиумот на постдипломски студии на примени кандидати на втор циклус на студии по студиската програма на Институтот за специјална едукација и рехабилитација од вкупно 17 запишани студенти на втор циклус студии од нив магистрирале вкупно 8 студенти. Запишаните студенти на втор циклус на студии со завршени стручни студии имаат: прв циклус со 180 ЕКТС (кредити) и стручни специјалистички студии со 60 ЕКТС или вкупно 240 ЕКТС и тоа специјалисти: логопеди, физиотерапевти, специјалист за рехабилитација во неврологија, специјалист за рехабилитација на деца со корекција на телесни деформитети…

Запишаните кандидати студенти согласно член 13 од Правилникот за  условите за запишување на втор циклус на студии потпишуваат Договори со права и обврски потпишано од страна на деканот и кандидатот студентот со права и обврски, со што му се издава ИНДЕКС со што  добива статус на СТУДЕНТ. Студентите ги запишуваат во матичната книга за втор циклус на студии, додека оние кои магистирале ги запишуваат во Главната книга за завршени студенти и оние кои завршиле добиле дипломи за втор циклус на студии потпишани од деканот на факултетот и ректорот на УКИМ (2021) и додаток на диплома каде во точка 5.1. Пристап до понатамошни студии, стои: можност за продолжување на студиите на трет циклус на студии.

Во тој период (2019, 2020, 2021година..) продекан за настава бил сегашниот декан Оливер Бакрески. А сега (2024, 2025, 2026 година) продекан за настава е Огнен Спасовски. Па, почитувана госпоѓа министерке Јаневска, се поставува едно логично филозофско прашање: Како е можно студентите да бидат обвинети за нешто што им било дозволено од самата институција? И нешто што треба да се знае, а во јавноста се пласираат дека станува збор за деца на функционери или блиски на политички партии, но студентите во овој случај се обични луѓе – бидејќи доколку навистина беа деца на влијателни функционери, сигурно немаше да бидат изложени на ваков јавен линч, туку тивко и без проблем ќе ги завршеа своите магистерски и докторски студии.

Кога почнуваат проблемите со студентите од страна на деканската управа на Филозофскиот факултет

Студентите посочуваат дека од октомври ланската година (2025) наваму се изложени на сериозен притисок и неофицијални средби на кои бил присутен и деканот на Филозофскиот факултет, продеканот за настава, секретарот кој воедно е и правник и други лица. На студентите им било сугерирано да се отпишат од студиите и да си ги земаат документите… Ваквата атмосфера трае со месеци и тие е наоѓаат под постојан психолошки  притисок и стрес со што им го нарушувале нивното достоинство што е спротивно на член 27 став 1 точка 9 од Законот за високо образование. Па така, како што тврдат студентите, администрацијата од октомври одбива да им издаде одредени документи, при што неофицијално им било кажано дека тоа е по наредба на деканот, што дополниелно ја влошува ситуацијата и ја продлабочува правната несигурност во која се наоѓаат. Истовремено, студентите укажуваат дека самото решение за прекин на студиите е спорно и не е во целост усогласено со принципите на Законот за општата управна постапка (ЗОУП).

Според ЗОУП, секоја управна одлука мора да биде индивидуално образложена, заснована на конкретни факти и правни основи, со јасна правна поука и целосна аргументација, а во овој случај студентите тврдат дека одлуките биле генерализирани и донесени со речиси идентична содржина за повеќе студенти без детална индивидуална анализа. Поради тоа, студентите сметаат дека постои сериозна потреба од независна институционална проверка на целата постапка, бидејќи во спротивно се создава впечаток дека административни одлуки со далекусежни последици се носат без целосно почитување на процедурите и гаранциите утврдени со ЗОУП. Согласно склучениот договор кој претставува облигациски  однос регулиран со Законот за облигационите односи, истиот е еднострано раскинат од страна на  другата договорна страна, без постоење на заемна согласност на договорните страни и без донесена правосилна одлука од надлежниот суд – Основниот граѓански суд Скопје. Со тоа е извршено самоволно и противправно прекинување на договорниот однос.

Како се применува Болоњскиот систем во Македонија, а како во Европа

Македонија е дел од Болоњскиот систем на високо образование. Во европскиот академски систем важи  принципот 180-240 кредити-прв циклус и 60-120 кредити-втор циклус што значи вкупно 300  ЕКТС кредити како услов за пристап до докторски студии. Студентите во овој случај имаат 300 ЕКТС кредити како услов за пристап до докторски студии. Студентите во овој случај имаат 300 ЕКТС кредити. Но, во Македонија постои административна поделба ниво VIIА-академски студии и ниво VIIБ-стручни студии и оваа поделба создава сериозни проблеми кај нерегулираните професии, каде лицата со стручни студии практично немаат јасен академски пат, иако имаат доволен број кредити. Во Европа ова е нормална пракса. Во Словенија Законот за високо образование и правилниците  на универзитетите предвидуваат дека на докторски студии може да се запишат кандидати кои имаат завршен втор циклус студии или интегрирани студии со најмалку 300 ЕКТС кредити, при што во одредени случаи се предвидуваат дополнителни предмети или разлики, но не и автоматска забрана за продолжување. Во Хрватска според Законот за научна дејност и високо образование и правилниците на универзитетите (Загреб, Сплит и Риека) на докторски студии може да се запишат кандидати со завршен магистерски и најмалку 300 ЕКТС кредити, а универзитетите имаат можност да пропишат дополнителни академски услови или мост-програми, но не и автоматско исклучување врз основа на предходните студии. Во Австрија универзитетите дозволуваат пристап до докторски студии на кандидати кои имаат релевантна  магистерска квалификација, при што доколку програмата е од стручен тип( Fachhochschule), универзитетот може да бара дополнителни академски предмети, но не го исклучува кандидатот поради типот на предходната диплома.

Европската пракса  покажува  дека најважниот критериум е академското ниво и бројот на ЕКТС кредити, додека типот на претходната студиска програма најчесто се решава преку дополнителни  академски обврски, а не преку целосно ограничување на академскиот напредок. Во Македонија поделбата на VIIА и VIIБ ниво често создава ситуација во која лица со ист број кредити и завршен втор циклус студии немаат еднаков пристап  до трет циклус, што  отвора сериозни прашања за усогласеноста со принципите на Болоњскиот систем и еднаквиот пристап до образование.

Што покажуваат универзитетските билтени

Јавно достапните билтени на Универзитетот„Св.Кирил и Методиј“ покажуваат дека ваквата пракса постоела со децении. Во нив се наведени биографии на лица кои завршиле стручни студии, потоа магистерски студии и подоцна докторирале. Вакви случаи постојат во билтените на повеќе факултети меѓу кои Правниот факултет, Економскиот факултет, Факултетот за физичка култура како и други факултети, можеби и сите. Проценетата бројка на активни и веќе магистрирани и докторирани на ниво на Универзитетот е троцифрена. Особено познат е примерот од Медицинскиот факултет, каде во минатото постоеле голем број магистри по јавно здравје со претходно завршени стручни студии (проценка над 400). Во последните години оваа пракса постепено се менуваше, но никогаш не се случило ретроактивно да се казнуваат студенти кои веќе биле запишани со дозвола од институцијата.

МОН повеќе години ги нострифицира дипломите на дипломираните физиотерапевти од Косово кои магистрираат и докторираат на Факултетот за физичко образование здравје и спорт, а каде над 90 проценти од кандидатите на факултетот се со стручно образование? Овие податоци лесно можат да се проверат за студентите според Комората на физиотерапевти во Косово. Билтените на УКИМ и јавно достапните информации на факултетите.

Многу се контраверзни изјавите на министерката за образование и наука дека не била запознаена со случајот, иако најголем дел од студентите веќе имале директна и индиректна комуникација со МОН. Постојат официјални документи по барање на студентите кои покажуваат дека Министерството било информирано за случајот од октомври минатата година. Во документот издаден од МОН потпишан од министерката проф.д-р Весна Јаневска, заведен под број 14-1764/2 од 6 февруари годинава, до лицето Д.А. со одговор на барањето се наведува дека Министерството го разгледало случајот и дало институционално мислење. Во истиот документ се наведува дека доколку високообразовната установа утврди дека се исполнети условите согласно Законот за Национална рамка на квалификации, а студентот го има достигнато VII ниво од Европска рамка на квалификации, не постои пречка за запишување на трет циклус на студии односно премин кон VIII ниво. Документот дополнително повикува и на Законот за високо образование, каде се наведува дека студентот има право да напредува и да го заврши студирањето под услови кои важеле при уписот (член 27 став 1 точка 7 од ЗВО Сл.весник на РМ бр.82/2018). Со други зборови, самото Министерство признава дека студентите имаат право да напредуваат во студиите, а условите за упис ги утврдува универзитетот. Според ова, како е можно Министерството да тврди дека не е запознаено со случајот и дека ќе се одземаат стекнатите дипломи, кога постои официјален документ потпишан од самата министерка кое вели дека нема пречка во премин на трет циклус? Ако постоел системски проблем, тогаш тој требало да се реши со измена на законите, со измена на правилниците или со јасни критериуми, но не и со ретроактивно санкционирање на студентите и тоа само на Филозофскиот факултет, додека другите си уживаат во своите права како активни магистри и докторанди на другите факултети на УКИМ. Целиот случај отвора едно многу сериозно прашање за функционирањето на институциите. Кога институциите не можат да ја преземат одговорноста за сопствените одлуки, системот удира по најслабата алка-СТУДЕНТИТЕ.

Апсурдност на постапувањето на Државниот просветен инспекторат

Постапувањето на Државниот просветен инспекторат е контрадикторно. Со прв допис по барање на студентите, инспекторатот со допис бр. 31-198/2 од 10 февруари го известуваат студентот Д.А. потпишано од страна на директорот Шабан Алајбегу дека по извршената анализа на доставената документација не постојат законски основи за отворање инспекциски предмет бидејќи во барањето не бил наведен конкретен незаконит акт, решение или постапка на високообразовната установа која би претставувала повреда на закон. Во истиот документ се наведува и дека прашањата кои се однесуваат на академскиот статус, услови за запишување и продолжување на студии се во надлежност на високообразовните установи и Министерството за образование и наука, согласно Законот за високо образование и принципот на универзитетската автономија.

По чија иницијатива, насока, директорот на Државниот просветен инспекторат дава задолжение за вонреден инспекциски надзор на Филозофскиот факултет ?

По апсурдот кога студентите го доставуваат барањето да се изврши инспекциски надзор и истото е одбиено за „немање“ основа за вршење на инспекциски надзор на Филозофскиот факултет, а после неколку недели истиот Државен просветен инспекторат и нејзиниот директор по „налог“ на правниот субјект врши вонреден инспекциски надзор на Филозофскиот факултет при што е составен записник и е донесено решение. Во решението инспекторите (М.Н. и Т.И.) констатираат „неправилности“ во постапката за запишување студенти на втор и трет циклус на студии и му наложуваат на деканот на Факултетот да ги отстани „констатираните неправилности“. Она што дополнително отвора  сериозни дилеми е фактот дека иницијативата за вонреден инспекциски надзор е поднесена токму од  деканот на Филозофскиот факултет, односно од самата институција која е предмет на надзор. Како е можно првично инспекторатот да утврди дека не постојат законски основи за инспекциска постапка, а потоа да изврши вонреден инспекциски надзор по иницијатива на самата институција?

Што констатираат советниците-државните просветни инспектори од вонредниот инспекциски надзор?

Инспекцискиот надзор на советниците- државните просветни инспектори е извршен по задолжение од директорот Државниот просветен инспекторат, а во однос на Иницијатива доставена од деканот на Филозофскиот факултет-УКИМ, Оливер Бакрески, а во врска запишување студенти на втор и трет циклус на студии на факултетот со завршен прв циклус стручни студии (запишани студенти се наведени во извештајот, кој е даден како прилог на иницијативата).

Инспекторите (М.Н. и Т.И.) констатираат во записникот дека: „од вкупно 17 запишани студенти на втор циклус студии магистрирале вкупно 8 студенти… на трет циклус студии за академската година 2022/2023, 2024/2025 и 2025/2026 по објавен јавен конкурс. По конкурс се наедува кандидатите да ги исполнуваат условите (завршени втор циклус студии со најмалку 300 ЕКТС кредити од првиот и вториот циклус студии збирно). Во академската 2022/2023 година на Институтот за специјална едукација и рехабилитација се запишани 2 студенти, академската 2024/2025 година 1 студент и во учебната 2025/2026 година 1 студент на Безбедност на конечната листа.

Од изготвениот записник од вонредниот инспекциски надзор советниците – државни просветни инспектори констатираат дека „наводите во иницијативата се основани и за констатираните неправилности ќе се преземаат мерки согласно закон“. А со издаденото решение ИП1 бр.31-38 од 4 март. се НАРЕДУВА на Филозофскиот факултет-УКИМ Скопје како правно лице и на деканот како одговорно лице во правното лице да ги отстрани неправилностите за состојбите утврдени со записникот и да ги спроведат следните дејства и активности: да се поништи уписот на студентите (м.з.) основно непознавање на Законот за инспекциски надзор, и ЗОУП… Неминовна е потребата на одземање на лиценците или да одат на обука за можност да бидат инспектори. Се срамам како нивен колега.

Од самиот записник се констатира дека колегите инспектори при вонредниот инспекциски надзор на Филозофскиот факултет извршиле селективен приод каде го цитираат член 135 став 1, 2, и 4 од Законот за високо образование-втор циклус на академски студии, но го изоставаат став 3 од истиот член каде стои дека на „постдипломските студии може да се запише лице кое завршило соодветни студиски програми од прв циклус. Универзитетот и неговите единици утврдуваат кои додипломски студии се соодветни за упис на одделни студиски програми на постдипломските студии, како и условите за упис на кандидатите кои имаат завршено други студиски програми“.

Исто така колегите инспектори при вонредниот инспекциски надзор селективно приоѓаат на подзаконскиот акт Правилникот за  условите за запишување на втор циклус на студии односно согласно член 5 (став 3), јасно е утврдено дека на академски студиски програми од втор циклус можат да се запишат не само лица кои завршиле прв циклус академски студии, туку и лица кои завршиле стручни студии при што факултетот има право, доколку е потребно, да пропише полагање на диференцијални испити во согласност со студиската програма. Правилникот  предвидува дека единиците на универзитетот имаат автономно право да ги утврдат конкретните услови за запишување, кои се утврдуваат во конкурсот за запишување на студенти. Оттука произлегува дека запишувањето на кандидати со завршени стручни студии на академски студиски програми од втор циклус  не претставува исклучок или неправилности, туку можност која е предвидена со правилникот, при што одговорноста за утврдување на условите и критериумите за запишување е во надлежност на самата високообразовна установа. Исто така, ова е мошне важно  каде што во членот 11 став 2 од Правилникот за условите за запишување на втор циклус на студии стои дека членовите на конкурсната комисија се избираат од страна на наставно-научниот совет на единицата, од редот на наставниците. Со комисијата раководи продеканот за настава…“ (види Универзитетски гласник бр.417, 29 јануари 2019 УКИМ)

Од вонредниот инспекцискиот надзор извршен по иницијатива на деканот на Филозофскиот факултет констатирани во записникот на просветните инспектори се констатира селективен приод во примената на ЗВО и подзаконскиот акт Правилникот за условите за запишување на втор циклус на студии.

Постапките при инспекцискиот надзор инспекторите ги прекршиле начелата од Законот за инспекциски надзор, а тоа е: начелото на законитост, непристрасност и објективност, начело на одговорност, материјална вистина (факти и докази, а не селективна постапка од членови од ЗВО и од подзаконските акти), начелото на самостојност, начелото на супсидијалност со примена на одредбите од Законот за општа управна постапка и слично.

За извршената „успешна“ задача, министерката за образование и наука Весна Јаневска, ја наградува инспекторката М.Н. за заменик главен инспектор за инспекциски надзор во секторот во државниот просветен инспекторат при МОН, а инспекторот Т.И. за раководител на Источниот плански регион на Државниот просветен инспекторат со седиште во Кочани, а за раководител на Државниот просветен инспекторат за струшко-охридскиот регион ја наградува инспекторката Виолетка Џутеска (поопширно за ова во наредната колумна).

На крај по доставеното Решение бр.18-6137 од 29 април издадено од министерката Весна Јаневска за поништување на диплома за завршен втор циклус на академски студии, ги повикувам обесправените студенти да го запазат управниот спор во рок од 30 дена од денот на приемот, до Управниот суд на Република Македонија.

Со почит, обесправени студенти. Ви стојам на располагање за експертска и стручна помош. Без никаква надокнада. Во борба против институционалниот образовен криминал.

Ѓорѓи Илиевски,

виш  државен просветен инспектор во пензија

КОЛУМНИ

Aнита Гибсон

Трамп во Пекинг

Билјана Ванковска

Си и Трамп: една средба, два света

Љубомир Николовски

Виктор „вембинатор“ Вембањама

Џефри Сакс

Војната против Иран најверојатно ќе заврши со американско повлекување

Ристо Цицонков

Големи капитални инвестиции во Македонија, но не во енергетиката

Билјана Ванковска

Еколошки театар на понизноста

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ