Во изминатото деноноќие полицијата регистрирала повеќе случаи на семејно насилство во Скопје, Куманово, Охрид, Тетово и Битола, при што се приведени неколку лица осомничени за физички напади и закани кон членови на семејството.
Во скопско село во општина Чучер-Сандево, полициски службеници го лишиле од слобода 33-годишниот Н.А., по пријава дека физички ја нападнал својата сопруга во семејниот дом.
Во Куманово бил приведен 42-годишен маж, откако неговиот 85-годишен дедо пријавил дека бил физички нападнат по семејна расправија во село во општина Старо Нагоричане.
Дополнително, во Куманово биле приведени две сестри на возраст од 43 и 20 години, по пријава дека физички ја нападнале сопругата на нивниот починат татко.
Во Тетово, 18-годишна девојка пријавила дека нејзиниот сопруг преку мобилна апликација ѝ упатувал закани.
Полицијата во Охрид привела двајца мажи по пријави за физички напади врз сопруга и вонбрачна партнерка.
Во битолско село, 50-годишен маж бил приведен поради агресивно и недолично однесување, а подоцна неговата сопруга пријавила дека ѝ се заканувал и физички ја нападнал нивната малолетна ќерка.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за расчистување на сите случаи и најавуваат соодветни пријави по нивното целосно документирање.






