Пред неколку дена, управничката на зградата во која се наоѓа дописништвото на Си-ен-ен во Хавана затропа на нашата врата со итно барање: сакаше да ѝ кажеме дали ќе доаѓаме на работа за време на претстојната американска инвазија, пишува дописникот на американскиот медиум Патрик Опман.
Интензивната кампања на притисок на Вашингтон врз Куба силно се чувствува во секојдневниот живот. Поради актуелната американска нафтена блокада, струјата во нашите канцеларии исчезнува по неколкупати дневно. Продлабочената економска криза значи дека нема гориво за агрегаторот во зградата, па дури ни тоалетна хартија во тоалетите. Секој ден поминувам покрај огромна вештачка елка во холот, која никој не се ни обидел да ја тргне.
Меѓутоа, сега управничката на зградата ми рече дека, по „наредба одозгора“ — како и сите деловни згради во градот, и оваа е во државна сопственост — добила задача да направи план за зградата во случај на империјалистички напад. Со други зборови, американски напад.
Кубанците толку долго живеат под закана од американска воена акција што таа стана шега. „Куандо виенен лос Американос“ — кога ќе дојдат Американците — е израз што Кубанците, со својот препознатлив црн хумор, го користат за да кажат дека некој долготраен проблем — а такви има безброј — еден ден ќе биде решен.
Сега изгледа дека, на овој или на оној начин, Американците навистина доаѓаат.
ЦИА доаѓа на Куба
Посетата на директорот на ЦИА Џон Ретклиф на Хавана оваа недела, со авион што и не беше баш таен и на кој беа испишани зборовите „Соединети Американски Држави“, длабоко шокираше многу Кубанци и претставува досега најјасен знак дека тензиите се приближуваат до критична точка.
Ако САД за кубанската влада се Империјата на злото, тогаш шефот на ЦИА, агенцијата што во шеесеттите години смислувала фантастични заговори за убиство на Фидел Кастро со пури што експлодираат и отруени нуркачки одела, е самиот Луцифер.
На Куба постојат цели музеи посветени на злокобните дела на ЦИА против револуцијата.
На фотографиите што ги објави ЦИА, намуртените шефови на кубанската разузнавачка служба ги пречекуваат своите американски колеги во протоколарна вила, со спуштени завеси на прозорците и долга маса необично преполна со цветни аранжмани. Освен Ретклиф, лицата на американските разузнавачи се замаглени за да се скрие нивниот идентитет.
„Тоа е врв на историска иронија“, рече Питер Корнблу, коавтор на книгата „Таен канал кон Куба: Скриената историја на преговорите меѓу Вашингтон и Хавана“, коментирајќи го ненадејното појавување на шефот на американската разузнавачка служба на островот со кој управуваат комунисти.
„Мисијата на Ретклиф беше на Куба да ѝ изнесе понуда ‘прифати или пропадни’, која наводно не може да ја одбие. Политиколозите тоа го нарекуваат ‘дипломатија на потчинување’“, вели Корнблу за Си-ен-ен.
Кубанските функционери соопштија дека за време на посетата изнеле аргументи зошто нивниот остров не претставува закана за САД — оспорувајќи го правното образложение на администрацијата на Трамп за нафтената блокада што го турна островот во економски понор, се наведува во соопштението на кубанската влада.
Тие аргументи, очигледно, немале одек. Ретклиф ги обвини кубанските функционери дека на островот овозможуваат работа на руски и кинески прислушни станици и дека ги поткопуваат американските интереси во регионот, според американски функционери.
Ако САД последниве месеци кон Куба применуваа пристап на стап и морков — нудејќи помош или прибегнувајќи кон економска принуда — изгледа дека морковот веќе не е во понудата.
Само неколку часа откако Ретклиф ја напушти Хавана, протече вест дека американските федерални обвинители бараат да се покрене обвинение против поранешниот кубански претседател Раул Кастро, кој официјално е во пензија, но на островот и понатаму се нарекува „водач на револуцијата“ и за кого се верува дека од сенка ги влече конците.
Многу кубански егзиланти во Мајами би го поздравиле обвинението против Кастро поради неговата наводна улога во соборувањето на два авиони на кубанско-американската егзилантска организација „Браќа за спас“ во 1996 година. Обвинението би го подготвило теренот за можно апсење и судење на Кастро — како што во јануари се случи во Венецуела со кубанскиот сојузник Николас Мадуро.
Меѓутоа, каков било потег против Кастро, кој во јуни полни 95 години и сега тешко се движи без помош од придружници и внуци телохранители, би претставувал конечна ескалација на веќе вжештените тензии, веројатно водејќи кон прекин на дипломатските односи — ако не и кон отворен судир.
Кубанците се подготвуваат за битка
Неколку кубански функционери ми рекоа, среде гласините последниве недели за можно обвинение против Кастро, дека таквиот развој на настаните би ги завршил преговорите и би го отворил патот за воена интервенција, на која, ако биде потребно, би ѝ се спротивставиле по цена на животот.
„Подготвени сме“, порача кубанскиот претседател Мигел Дијас-Канел на Први мај. „И тоа го велам со длабоко уверување што го споделив со своето семејство — да ги дадеме животите за револуцијата.“
Кубанските државни медиуми објавија снимки од цивили што минуваат воена обука во рамките на она што Фидел Кастро го замислуваше како „војна на целиот народ“, во која Кубанците, вооружени од државата, би воделе герилска војна на исцрпување против странски освојувачи.
Планот се потпира на герилска борба во виетнамски стил, а не на судир на регуларни армии.
На поединечни објавени снимки се гледаат војници како изведуваат маневри со советско оружје постаро од нив самите. На една снимка волови влечат противвоздушен топ.
И покрај тоа што на кубанските вооружени сили им недостига современо вооружување, воениот историчар Хал Клепак за Си-ен-ен вели дека војската на тој остров и понатаму би можела да даде тврдокорен отпор на можниот американски копнен напад.
„Тие покажаа, како што одново гледавме за време на природни катастрофи, дека се способни да го мобилизираат населението, дека се способни да ги изнесат луѓето“, рече Клепак.
Населението во агонија
Како што условите на островот се влошуваат, а прекините на струја траат по цел ден, некои Кубанци велат дека судирот барем би му ставил крај на нивното долготрајно страдање.
Државните болници сега се лишени од многу основни лекови, Кубанците се жалат дека храната им се расипува во фрижидерите за време на долгите исклучувања на струјата, а ѓубрето се трупа во речиси секоја населба на островот.
Американската нафтена блокада ги исцрпи последните резерви на островот, соопшти оваа недела министерот за енергетика. Новите санкции против компании што работат со Куба ги запираат повеќето поморски испораки кон островот, со што речиси сигурно ќе ги зголемат цените на храната и гладот.
„Ако половина од нас умрат, нека умрат“, ми рече една жена за време на протест поради прекините на струја во Хавана оваа недела, каде што демонстрантите толку долго удирале по тенџериња и лонци што челикот се вдлабнал од ударите. „Но барем другата половина нека живее во мир“, рече таа.
Евентуалниот успешен американски напад што би ја соборил кубанската влада би можел да предизвика бран политички одмазди, вели Ада Ферер, кубанско-американска историчарка.
„Кога размислувам за моментите во кубанската историја во кои доаѓало до политички промени, кога непопуларни влади биле отстранувани или на овој или на оној начин паѓале, потоа секогаш следувало насилство“, вели таа за Си-ен-ен.
Владата на островот го советува населението да се подготви за можни потреси.
Кубанската агенција за цивилна заштита оваа недела дистрибуираше „семеен водич за тоа како да се постапува за време на хипотетичка воена агресија врз Куба“, во кој, меѓу другото, се препорачува подготовка на ранец со намирници што не се расипуваат.
Мојот сосед во Хавана со сомнеж гледаше на тие препораки, пишува Опман.
„Ни велат да се подготвиме како да доаѓа ураган“, ми рече. „Но нам веќе сè ни снема“.






