недела, 7 јуни 2026
Мал успех за македонските институции

По објавата на МКД, МВР го надгради системот: сега и граѓаните со подолги имиња ќе можат да вадат државјанство

По објавата на МКД за случајот со македонска државјанка што не можеше да добие уверение за државјанство затоа што нејзиното име и двете презимиња имале повеќе букви отколку што дозволувал системот, односно повеќе од 25, Министерството за внатрешни работи нѐ извести дека техничкиот проблем е надминат.

Објавено на

часот

Сподели

„Во врска со Вашето прашање, Ве информираме дека нотираниот технички проблем со обрасците за уверенија за државјанство е веќе решен со значително проширување на бројот на ‘карактери’, така што граѓаните можат без проблем непречено да ја остварат и оваа услуга во рамките на Одделот за управни работи при МВР“, соопштија од Министерството за МКД.мк.

Како што претходно објавивме, македонска државјанка остана без можност да добие уверение за државјанство поради, како што ѝ било кажано на шалтер во МВР, ограничување на информатичкиот систем. Причината била тоа што нејзиното лично име и двете презимиња заедно содржеле 28 букви, додека системот дозволувал максимум 25.

„Не можеме да ви го издадеме документот, предолго ви е името“, ѝ било кажано на шалтер, со што случајот практично бил затворен уште пред да започне постапката.

Со други зборови, државата признава дека граѓанинот постои, но не може да му издаде документ затоа што софтверот не поддржува доволен број знаци.

Откако ја објавивме статијата, се јавија и други граѓани со истиот проблем, на кои во разни прилики им било одбиено издавање документи поради „преголемиот број букви во името и презимето“.

Практично, граѓани што се уредно заведени во матичните книги, имаат македонско државјанство и постојат во државната евиденција, не можеа да добијат документ со кој тоа државјанство треба да го докажат, затоа што системот не собирал „вишок“ букви.

Случајот отвори сериозни прашања за функционалноста на административните системи што државата ги користи за основните услуги кон граѓаните. Ако институциите официјално регистрираат имиња и презимиња со ваква должина, како е можно паралелно да функционира систем што не може да ги обработи истите тие податоци? Односно, ако името го „собрало“ на личната карта и на пасошот, како е можно да не го собира на уверението за државјанство?

Во 2026 година, кога системите обработуваат милијарди податоци во реално време, македонски граѓанин да биде административно блокиран поради „вишок“ три букви останува слика на нефункционалност што отвора прашања за квалитетот и приспособливоста на институционалните системи.

Но, ете, МВР преку апелите и укажувањата на нашиот медиум, се обидоа и најдоа решение, за во иднина никој повеќе да нема проблем и да може да си го оствари правото што непречено му следува.

К.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ