понеделник, 18 мај 2026

Апсурд во МВР: Државјанка не добила уверение за државјанство бидејќи името ѝ е „предолго“ за системот

Македонска државјанка отишла во МВР за да извади обично уверение за државјанство — документ што државата е должна да му го издаде на свој граѓанин. Но наместо документ, добила апсурдно објаснување: системот не дозволува издавање затоа што нејзиното име и двете презимиња заедно имаат 28 букви, а софтверот прима максимум 25.

Објавено на

часот

Сподели

Македонска државјанка деновиве останала без можност да добие уверение за државјанство поради, како што ѝ било кажано на шалтер во МВР, ограничување на информатичкиот систем. Причината? Нејзиното лично име и двете презимиња заедно содржат 28 букви, додека системот, според објаснувањето што го добила, дозволувал максимум 25.

„Не можеме да ви го издадеме документот, предолго ви е името“, рамнодушно ѝ рекле вработените прогласувајќи го случајот за завршен.

Со други зборови, државата признава дека граѓанинот постои, но не може да му издаде документ затоа што нејзиниот компјутер не собира уште три букви.

Практично, граѓанка што е уредно заведена во матичните книги, има македонско државјанство и постои во државната евиденција, не може да добие документ со кој тоа државјанство треба да го докаже, затоа што софтверот не поддржува доволно знаци.

Ова отвора низа прашања за функционалноста на административните системи што државата ги користи за основни услуги кон граѓаните. Ако институциите официјално регистрираат имиња и презимиња со ваква должина, како е можно паралелно да функционира систем што не може да ги обработи истите тие податоци? Односно, ако името го „собрало“ на личната карта и на пасошот, како е можно да не го собира на уверението за државјанство?

Не станува збор за некаква сложена правна или техничка процедура, туку за издавање уверение за државјанство — еден од најосновните документи што граѓаните редовно ги вадат за различни административни постапки.

Случајот отвора и едно пошироко прашање: колку други граѓани би можеле да се соочат со истиот проблем поради ограничувања вградени во фалични системи, наместо поради каков било правен недостаток.

Во време кога институциите зборуваат за дигитализација и модернизација на јавната администрација, ситуацијата во која три букви повеќе се доволни за граѓанинот да не може да добие основен документ тешко може да се објасни како изолиран технички пропуст.

Во 2026 година, во време кога системите обработуваат милијарди податоци во реално време, македонски граѓанин да биде административно блокиран поради „вишок“ три букви е слика на државна нефункционалност што не може да се оправда со „таков е системот“. Системот не е природна појава. Некој го набавил, некој го одобрил, некој го одржува. Некој не го заменил.

Кога бирократијата почнува да го приспособува човекот на ограничувањата на софтверот, наместо обратно, тоа веќе не е администрација — тоа е институционален пораз. Еден од многуте.

Другпат за тоа дека ако не сте вработен, ако сте приправник, хонорарец или едноставно невработен, не можете да ги користите услугите на веб-страницата Услуги.гов.мк.

А.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ