четврток, 21 мај 2026

Си и Путин сложни во критиките на САД, но без договор за нов гасовод

Кина и Русија ги осудија, на самитот одржан една недела откако претседателот Си Џинпинг го пречека Трамп во Пекинг, плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за противракетниот одбранбен штит „Златна купола“ и „неодговорната“ нуклеарна политика на Вашингтон.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Заедничката изјава објавена по самитот на Си со рускиот претседател Владимир Путин послужи да се истакне дека кинескиот лидер, иако се обидува да одржува стабилни и конструктивни односи со Трамп, фундаментално не се согласува со него по клучните прашања каде што ставот на Кина е тесно усогласен со рускиот, пишува Ројтерс.

Во соопштението се наведува дека планот на Трамп за систем за пресретнување ракети од земја и од вселената ја загрозува глобалната стратегиска стабилност, а Вашингтон е исто така критикуван што дозволил истекување на договорот со кој се ограничуваат нуклеарните арсенали на САД и Русија.

Договорот истече во февруари, а Трамп не одговори на предлогот на Москва за продолжување на ограничувањата за ракети и боеви глави за една година – за што некои американски политичари тврдат дека би ги спречило САД да одговорат на кинеското јакнење на нуклеарниот арсенал.

Сепак, иако двајцата лидери зборуваа со еден глас за глобалните безбедносни прашања, тие не успеаја да го постигнат пробивот кој Москва долго го бара – договор за нов гасовод што ќе ѝ овозможи повеќе од двојно да го зголеми количеството на природен гас што ја продава на Кина.

Москва пред посетата сигнализираше дека бара дополнителни енергетски договори со Кина, најголемиот купувач на руска нафта, вклучувајќи испораки преку нафтовод и пратки по море.

Рускиот вицепремиер Александар Новак изјави дека Кина е заинтересирана за долгорочни испораки на руска нафта и зголемување на обемот, кој, како што рече, пораснал за 10 проценти за четири месеци.

За време на последната посета на Путин во септември 2025 година, рускиот гасен гигант Газпром објави дека двете страни се согласиле да продолжат со работата на гасоводот „Моќта на Сибир 2“, планиран гасовод долг 2.600 километри кој ќе транспортира 50 милијарди кубни метри гас годишно од Русија до Кина преку Монголија.

Кина за тој проект јавно кажа многу малку. Иако Си во средата изјави дека соработката во енергетиката и поврзувањето на ресурсите треба да биде „камен-темелник“ на кинеско-руските односи, тој не го спомена гасоводот.

Клучните прашања, како што е цената на гасот, остануваат нерешени, а аналитичарите очекуваат преговорите да траат со години.

Кремљ соопшти дека двете страни постигнале „општо разбирање за параметрите“ на проектот, иако не се договорени детали или јасна временска рамка. Новак, според Ројтерс, кажа дека Русија и Кина ги финализираат договорите за испораки преку тој гасовод.

„Се чини дека клучните несогласувања околу цените, финансирањето и договорните услови не се решени“, кажа Даниел Слит, виш советник за политика во Институтот за глобални промени Тони Блер.

„На Русија ѝ е потребен овој договор повеќе отколку на Кина, откако изгуби голем дел од европскиот пазар на гас, додека Пекинг сè уште се чини дека е задоволен да се движи бавно и да одржува флексибилност во однос на идните опции за снабдување со енергија“.

Во заедничка декларација двете страни ги изложија плановите за понатамошна соработка во широк спектар на области, од вештачка интелигенција до заштита на ретките тигри, леопарди и панди. Тие ги обвинија Соединетите Американски Држави и Израел за кршење на меѓународното право со агресијата врз Иран и изразија „решително противење на хегемонизмот и унилатерализмот“. „Глобалната агенда за мир и развој се соочува со нови ризици и предизвици, со опасност од фрагментација на меѓународната заедница и враќање кон „законот на џунглата“, се наведува во заедничката декларација, според Кремљ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ