среда, 20 мај 2026

Нов нон-пејпер, пет земји членки на ЕУ предлагаат „меѓучекори“ кон членство на Западен Балкан во унијата

Австрија, Чешка, Италија, Словачка и Словенија предлагаат модел што би го забрзал приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ преку постепено отворање на клучни делови од единствениот европски пазар.

Објавено на

часот

Сподели

Наместо класичниот процес во кој целосното членство е единствената награда на крајот од реформите, идејата е интеграцијата да се „распарчи“ во повеќе фази. Така, државите кандидати би можеле да добиваат пристап до одделни сектори како што напредуваат во усогласувањето со европските правила и во зајакнувањето на институциите, особено во делот на владеењето на правото.

Овој концепт, претставен во неформален документ што го пренесе „table.media“, директно се обидува да одговори на долгогодишниот проблем на замор од реформи во земјите од регионот. Според авторите, токму видливите придобивки, како пристап до пазарот, би можеле да ја одржат политичката волја и довербата на граѓаните во процесот на европска интеграција.

Планираната постепена вклученост би ги опфатила основните столбови на внатрешниот пазар на ЕУ. Меѓу нив се енергетските мрежи и трговијата со електрична енергија, дигиталниот простор, транспортните и логистичките текови, како и политики поврзани со стратешки суровини. Дополнително, се разгледува и олеснување на младинската мобилност и унапредување на прекуграничните движења преку побрзи и поефикасни процедури.

Документот беше презентиран на состанок во Братислава од австриската министерка за надворешни работи, Беате Мајнл-Рајзингер, пред колегите од Западен Балкан и групата „Пријатели на Западен Балкан“. Од таму беше испратена порака дека целта останува полноправното членство во ЕУ, но дека патот кон него треба да биде пофлексибилен, со можност одредени одлуки за меѓучекорите да се носат и со квалификувано мнозинство во рамките на Унијата.

На 11 мај Марта Кос, еврокомесарката за проширување, во Брисел, на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи, изјави дека „има место за сите земји од Западен Балкан во Европската Унија“ и дека проширувањето останува приоритет на ЕУ. Таа нагласи дека напредокот зависи од реформите што ги спроведуваат земјите кандидати. Европската Унија размислува за промени во правилата и критериумите за прием на нови членки, со цел да се забрза процесот на проширување кон Западен Балкан и Украина, изјави таа.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ