понеделник, 11 мај 2026

Кос најавува можни промени во критериумите за прием на Западен Балкан во ЕУ

Марта Кос денеска во Брисел, на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи, изјави дека „има место за сите земји од Западен Балкан во Европската Унија“ и дека проширувањето останува приоритет на ЕУ. Таа нагласи дека напредокот зависи од реформите што ги спроведуваат земјите кандидати. Европската Унија размислува за промени во правилата и критериумите за прием на нови членки, со цел да се забрза процесот на проширување кон Западен Балкан и Украина, изјави еврокомесарката за проширување Mарта Кос.

Објавено на

часот

Сподели

Кос оцени дека сегашниот модел на проширување е премногу бавен и стар е веќе 40 година, па ЕУ мора да најде нов механизам кој ќе овозможи постепена интеграција на земјите кандидати уште пред полноправното членство. Според неа, опциите што се разгледуваат вклучуваат задржување на постојниот систем, негово реформирање за побрз напредок или модел на „постепено“ проширување, при што кандидатите би добивале делумен пристап до европскиот пазар и фондови пред да ги завршат сите реформи.

Еврокомесарката нагласи дека ЕУ паралелно размислува и за воведување нови заштитни механизми во пристапните договори. Таа најави дека идните договори за членство би можеле да содржат клаузули што ќе ѝ овозможат на Европската комисија да воведува санкции ако новите членки ги прекршуваат европските вредности и владеењето на правото. Кос рече дека ваквите мерки се извлечени од искуствата со Унгарија и треба да спречат создавање „тројански коњи“ во рамки на Унијата.

Во однос на Западен Балкан, Кос повтори дека проширувањето останува процес заснован на заслуги и дека нема да има „геополитички попусти“. Таа истакна дека секоја држава ќе мора да ги исполни критериумите за реформи, владеење на правото и усогласување со европските политики.

На состанокот во Брисел присуствува и македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски кој изјави дека е „потребно е да се оттргнеме од билатерализацијата на пристапните критериуми, но и да се засили ангажманот за прашања кои одат и пошироко од самиот процес на проширување, особено во областите на безбедноста и одбраната, економијата и трговијата, енергетската безбедност, безбедноста на храната и дигитализацијата“.

Следниот самит ЕУ–Западен Балкан ќе се одржи на 5 јуни во Подгорица.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ