Акцијата „Мисли на македонски, читај домашно“ е замислена како поширока културна иницијатива за поголема видливост, достапност и присутност на македонската книга. Нејзината основна порака е дека македонската книга, на македонски јазик и од македонски автори треба да биде дел од секој македонски дом, семејство, училиште и лична библиотека.
Во рамките на акцијата ќе се реализираат и активности насочени кон доближување на книгата до новите генерации читатели, особено до учениците и најмладите. Посебно внимание ќе биде посветено на достапноста на значајните нови изданија од македонската книжевност за деца и млади, со цел тие да стигнат до читателите кај кои допрва се создава љубовта кон книгата, јазикот и домашната книжевност.
Според бројот на вклучени дела од современи македонски автори, ова е една од најголемите акции посветени на домашната книга организирани во самостојна Македонија. Во изборот се опфатени стотици наслови од различни жанрови и области: романи, поезија, раскази, драми, есеистика, книжевна критика, монографии, книги за македонскиот јазик, како и изданија посветени на македонската историја. Со тоа, акцијата го опфаќа широкиот простор на македонската книжевна, јазична, културна и историска меморија.
Во деновите кога се чествува делото на словенските просветители, „Матица македонска“ ја продолжува својата мисија: да ја афирмира домашната книжевност, да го поддржува македонскиот автор и да ја одржува живата врска меѓу книгата, јазикот и читателите. Пораката на акцијата е јасна: јазикот се чува и се развива не само со свечени зборови, туку и со секојдневно читање, со изборот да се посегне по книга напишана на македонски и со создавањето нови генерации читатели.
Во текот на изминатите 35 години, „Матица македонска“ објави дела што оставија силен белег во современата македонска книжевност, култура и книжевна меморија. Нејзиниот каталог опфаќа автори, жанрови и изданија преку кои се чита и се препознава македонското книжевно искуство: од романескни остварувања и поетски книги, преку раскажувачки, драмски и есеистички дела, до книжевно-критички трудови, монографии, книги за јазикот и изданија што отвораат важни погледи кон македонската историја.
„Мисли на македонски, читај домашно“ е повик македонската книга да не е само на полиците на книжарниците, туку да влезе во домовите, семејствата, училиштата и личните библиотеки. Да биде подарок, навика, разговор, препорака и дел од секојдневието. Зашто секоја прочитана книга од македонски автор е поддршка за домашната книжевност, за македонскиот јазик и за културната меморија што ја споделуваме.
Акцијата трае до 27 мај, во книжарниците на „Матица македонска“ и онлајн на www.matica.com.mk, со 35% попуст на стотици избрани наслови од македонски автори – романи, поезија, раскази, драми, есеистика, критика, монографии, книги за македонскиот јазик и книги за македонската историја.






