Генералот на американските воздухопловни сили Алексус Гринкевич зборуваше по одлуката на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп да повлече околу 5.000 војници од Германија и да го откаже распоредувањето на ракетите со долг дострел „томахавк“.
Европските функционери беа изненадени од времето на објавувањето на повлекувањето на трупите, како и од фактот дека американските претставници ја поврзаа таа одлука со критиките на германскиот канцелар Фридрих Мерц за американската стратегија во војната со Иран.
Во изјава за новинарите по состанокот на воените лидери на НАТО во Брисел, Гринкевич кажа дека таа одлука е единствениот таков потег за кој знае „во краткорочен период“ и нема да влијае на способноста на Алијансата да ги спроведе своите одбранбени планови.
Европските влади тврдат дека го послушале повикот на Трамп да трошат повеќе за војската и да преземат поголема одговорност за безбедноста на континентот. Сепак, тие стравуваат дека ненадејно повлекување на американските трупи и оружје би можело да ја направи Европа ранлива на воен напад од страна на Русија, иако Москва негира дека има таква намера.
Гринкевич кажа дека ќе има дополнителни повлекувања на американските трупи од Европа, кои моментално бројат околу 80.000, но дека тоа ќе се случи како што европските сили ќе се зголемуваат за да ја пополнат празнината.
„Како што европскиот столб на Алијансата станува појак, тоа ќе им овозможи на САД да го намалат своето присуство во Европа и да се ограничат на обезбедување на само оние клучни капацитети што сојузниците сè уште не можат сами да ги обезбедат“, кажа Гринкевич, врховен командант на сојузничките сили на НАТО.
„Навистина не можам да ви дадам точна временска рамка; тоа ќе биде континуиран процес кој ќе трае неколку години“, додаде тој.
Гринкевич кажа дека Европа ќе преземе поголема одговорност за конвенционалната одбрана, но дека тоа ќе се случи „со постојана клучна поддршка на американските капацитети, кои се прилагодуваат“.
Функционерите и аналитичарите велат дека НАТО зависи од САД за голем број клучни капацитети, како што се системите за команда и контрола, сателитските разузнавачки податоци и комуникации, стратегиските бомбардери и американскиот нуклеарен чадор.






