Англискиот тим одигра зрело и тактички одлично финале, а Унаи Емери уште еднаш покажа зошто важи за еден од најуспешните тренери во ова натпреварување. Шпанскиот стратег стигна до својот петти трофеј во Лигата на Европа, по претходните успеси со Севиља и Виљареал.
Клучниот период од натпреварот беше самиот финиш на првото полувреме кога Вила постигна два гола за кратко време. Прво Јури Тилеманс со атрактивен волеј ја затресе мрежата по центаршутот на Роџерс, а потоа Емилијано Буендиа со одличен удар од далечина донесе огромни 2-0 пред паузата.
Во продолжението Фрајбург тргна поофанзивно, но тоа остави многу простор за контранапади, што англискиот состав знаеше да го искористи. Морган Роџерс во 58. минута стави точка на финалето и ги постави конечните 3-0.






