Вес Стритинг, можен кандидат за лидер на лабуристите, оцени дека излегувањето од ЕУ било „катастрофална грешка“ и порача дека Британија „еден ден“ треба да се врати во блокот, со што повторно го врати брегзитот во врвот на политичката агенда во пресрет на очекуваната трка за наследник на премиерот Кир Стармер.
Дебатата за брегзитот со години главно тлееше во заднината на британската политика. Лидерите повеќе сакаа да ја избегнуваат, за повторно да не ги отворат жестоките поделби што го обележаа референдумот. Сепак, Стритинг, поддржувач на ЕУ и поранешен министер за здравство, кој минатата недела ја искористи оставката за да упати критика на сметка на разнишаната влада на Стармер, го насочи вниманието кон брегзитот.
Иако неговите сојузници велат дека тоа не би можело да се случи без избори или референдум со кој би се добила согласност од британските гласачи, неговите коментари повторно ги отворија одамна заспаните поделби околу Европа во врвот на владејачката Лабуристичка партија.
Зборовите на Стритинг ги изненадија лабуристите, а пратениците и поширокото членство се прашуваат зошто би се, како што тоа го опиша еден партиски функционер, „врзал за една маргинална тема што јавноста ја надмина пред повеќе години“.
Во говор што во саботата звучеше како слабо прикриен почеток на кампања за лидер на партијата, Стритинг рече: „Иднината на Британија е со Европа и еден ден, еден ден, повторно во Европската Унија.“
Тој говор, кој понуди само нејасно дефинирана крајна цел, ја отвори можноста брегзитот да го засени обидот на неговиот ривал да го предизвика Стармер, давајќи ѝ на популистичката, антиевропска партија Реформ УК на Најџел Фараж повод за мобилизација на поддржувачите.
Сојузниците на Енди Бернам, градоначалникот на Голем Манчестер и фаворит во трката за лидер, сугерираа дека тоа е само обид да му се искомплицира освојувањето пратеничко место, што му е неопходно за да може да го оспори лидерството на Стармер.
Ветераните од преговорите за брегзитот оценија дека Британија не би можела повторно да ѝ се приклучи на ЕУ под посебните услови што ги уживаше во минатото.
Георг Рикелес, поранешен советник во работната група на ЕУ за брегзит, рече дека очекува државите членки кон британското барање за членство да заземат „многу срдечен и отворен“, но и „трезвен и прагматичен“ став.
„Постои стратегиска потреба ЕУ и Обединетото Кралство да соработуваат, но не мислам дека би постоела подготвеност да се отворат нови децении посебен третман за Британија“, рече тој за Гардијан. „Цената на повторното влегување би било членство под вообичаени услови.“
Во текот на 47-те години членство во ЕУ, Обединетото Кралство успеа да обезбеди посебен статус без преседан: изземања од клучни политики, како единствената валута и шенгенската зона без пасошки контроли, рабат на уплатите во буџетот на ЕУ, но и важна улога во одредувањето на европската агенда.
Сандро Гоци, италијански министер за европски прашања од 2014 до 2018 година, рече дека „секако ќе се тргне“ од тие стандардни услови, одговарајќи на прашањето дали Британија, во случај на повторно пристапување кон ЕУ, би морала да го прифати еврото и да влезе во шенгенската зона.
„Јасно е дека веќе нема костум кроен по мерка и јасно е дека преговорите на Обединетото Кралство би морале да ги опфатат сите прашања што се предвидени за секој кандидат.“
Гоци, кој сега е пратеник во Европскиот парламент и претседава со делегацијата на Европскиот парламент во Парламентарното собрание за партнерство меѓу ЕУ и Обединетото Кралство, предвиде дека државите членки на ЕУ би поздравиле британско барање за повторно членство, и покрај неизвесноста поради можноста Фараж да стане премиер.
Енди Бернам претходно рече дека сака Британија повторно да му се приклучи на блокот во текот на неговиот живот. Меѓутоа, во понеделникот појасни дека, доколку на краток рок стане премиер, не би се обидел да го спроведе тоа.
Гоци рече: „Брегзитот беше голема катастрофа за Обединетото Кралство, но и загуба за ЕУ… Ако, во момент на толку големи глобални потреси, Обединетото Кралство одлучи да побара враќање во ЕУ, мислам дека тоа би била голема победа за нашиот политички модел.“
Тој нагласи дека тоа не би било победа над Обединетото Кралство, туку потврда на „нашата привлечност“.
Британија, продолжи тој, има и други опции, како „поврзување со единствениот пазар“ и улога како основач на нов европски совет за безбедност — предложено тело за одбранбено лидерство што би можело да вклучи до десетина членки, но чии детали сè уште не се целосно разработени.
„Мислам дека опциите не се сведени само на полноправно пристапување. Но на Обединетото Кралство е да одлучи, да сфати што сака“, рече тој.
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Шикорски, познат по наклонетоста кон Британија, исто така го предупреди Лондон да не очекува аранжман сличен на некогашното „де факто членство по сопствен избор“. Британските елити, рече тој претходно овој месец, мора да ја „усвојат“ основната логика на европскиот проект: дека поголеми придобивки се добиваат за возврат за здружување на одредени аспекти од суверенитетот.
Рикелес, кој сега е помошник-директор на Европскиот центар за политика, рече дека многумина во европските престолнини и Брисел ги поздравуваат сигналите што доаѓаат од Обединетото Кралство, но нагласи дека тоа сè уште е далеку од формален процес.
„ЕУ би морала да види траен национален консензус дека Обединетото Кралство навистина го променило ставот.“
Осврнувајќи се на сопственото искуство, рече: „ЕУ може да соработува со Обединетото Кралство што знае што сака. Потешко ѝ оди со Обединетото Кралство што ги сака придобивките од интеграцијата, а притоа ја задржува политиката на раздвојување.“
„Светот на брегзит исчезна“, рече тој, алудирајќи на рускиот милитаризам, кинеската економска принуда и политиката на Доналд Трамп „Америка на прво место“.
„Мислам дека секој што разумно размислува би морал да види дека Обединетото Кралство и ЕУ се дел од истиот стратегиски простор. Ако тоа би било национален консензус — дека Обединетото Кралство повторно ќе ѝ се приклучи на ЕУ — мислам дека ЕУ би се вклучила целосно и многу сериозно. Но дали сега стигнавме дотаму? Сè уште не.“
Главната портпаролка на Европската комисија Паула Пињо одби да ги коментира можните услови за преговори. Зборувајќи за претстојниот самит меѓу ЕУ и Обединетото Кралство, кој се очекува во почетокот на јули, рече: „Се водат разговори за поблиска соработка во повеќе области. Тука сме сега и токму тоа го правиме, подготвувајќи се за следниот самит, наместо да шпекулираме за големи, нови или обновени прашања.“
Набргу по победата на изборите во 2024 година, Стармер вети „ресетирање“ на односите со Европа, надевајќи се дека ќе подвлече линија под годините затегнати врски со 27-члениот блок и ќе обезбеди нови економски и други договори со најголемиот трговски партнер на Британија.
Една година по доаѓањето на власт, премиерот тврдеше дека широкиот договор потпишан на самитот ЕУ-Обединето Кралство во Лондон, одржан во позитивна атмосфера, „ни дава невиден пристап до пазарот на ЕУ, најдобар што го има која било земја“, и дека на Британците ќе им донесе „поевтина храна и енергија“.
По тешкиот пораз на лабуристите на локалните избори овој месец, Стармер повторно вети дека неговата влада ќе биде „препознатлива по обновата на односите со Европа“ и по тоа што Британија ќе ја врати „во самото срце на Европа“. Сепак, конкретниот напредок досега е, во најдобар случај, ограничен.
Гардијан пишува дека главните пречки за какво било значајно подобрување лежат во „црвените линии“ што владата на Стармер ги постави уште пред изборите: нема враќање во царинската унија, нема враќање на единствениот пазар и нема враќање на слободата на движење.
Иако поединечни држави членки се жалат дека Европската комисија би можела да биде покреативна и пофлексибилна во преговорите за посебни аранжмани со Британија, преовладувачкиот став во блокот е дека колку поблизок однос сака Лондон со ЕУ, толку повеќе мора да се усогласи со нејзините правила.
Секој потег во таа насока, како планираниот закон што би му овозможил на Обединетото Кралство динамички да се усогласува со правилата на единствениот пазар без вообичаено парламентарно гласање — Реформ УК и конзервативците жестоко го нападнаа како „поништување на брегзитот на мала врата“.
Анкетите покажуваат дека нешто повеќе од половина Британци поддржуваат враќање во ЕУ, но таа поддршка слабее кога на гласачите им се предочуваат можните компромиси — од слободно движење на луѓе меѓу Британија и ЕУ до можноста земјата еден ден да мора да го усвои еврото.






