„На денот кога претседателот на Собранието Талат Џафери го одбива барањето на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ за одржување на седница за пратенички прашања, Владата ги информира граѓаните дека ќе одржи седница. Ваквата ситуација подразбира дека Талат Џафери, надвор од секој закон и спротивно на здравиот разум, му го одзема правото на Собранието да ја врши уставно утврдената контрола врз Владата со аргумент дека таа влада не функционирала, меѓутоа, истовремено, овој аргумент е силно демантиран од самата Влада која информира дека денес ќе одржи седница на која ќе усвои одлуки кои ќе се однесуваат на сите граѓани“, се вели во партиското соопштение.
Оттаму му порачуваат на претседателот на Собранието, Талат Џафери да прекине со, како што велат, личната сервилност кон Зоран Заев преку свесното рушење на уставно утврдените механизми за контрола на законодавната врз извршната власт, бидејќи „забрзано ја носи државата кон автократски режим управуван од ДУИ и СДСМ“.
„ВМРО-ДПМНЕ го потсетува Талат Џафери дека сталинизмот и комунизмот во кои тој израснал и очигледно се инспирирал, се идеолошки концепти кои одамна се надминати и дека за овие незапаметени преседани на девалвирање на механизмите за контрола на Собранието врз Владата носи директна лична одговорност пред граѓаните, но особено пред Уставот и Законите на Република Македонија“, се додава во соопштението.






