Пред средбата на официјалната прес-конференција се обрати селекторот Гоце Седлоски кој го најави дуелот в понеделник.
„Играме против силна репрезентација како Турција. Ние сме во процес на создавање на нов тим. Не е лесно за краток период да се направи игра, а презадоволен сум од моите играчи од тоа што го одработија досега по натпреварот со Босанците. Дојдовме тука да се претставиме во добро издание. Си ја гледаме својата работа, да одиграме добар натпревар против силна репрезентација како Турција. Тоа е селекција која има играчи кои играат во ЛШ, за Реал, Интер, Јувентус. Секако дека не ги потценувам ниту останатите играчи во турскиот тим. Им посакувам на Мундијалот да стигнат што подалеку.
Имаме доста нови играчи, повикав седуммина од ПМФЛ. Имавме три стартери против Босна и Херцеговина, сакам да им дадам шанса и утре на оние кои не играа. Играме со неверојатна репрезентација, играме против добар противник кој е на високо ниво. Сепак, мора да одиграме за да докаѓеме дека и ние вредиме. Мора секој играч да си ја сработи својата задача на теренот. Сепак, не смееме да заборавиме дека играме со сериозни противници. Најважно ми е новите да се вклопат добро во овој тим, а резултатите ќе дојдат. Ќе настојувам да играме офанзивен фудбал. Тука не зависи се од нас, туку и од противникот колку ќе ти дозволи. Не сум тип на тренер кој сака да се брани, ама се прашува и ривалот“, изјави Седлоски.
Натпреварот меѓу Турција и Македонија се игра в понеделник во терминот од 18:30 часот.






