Тој заедно со градоначалниците од скопските општини договориле општинските градежни инспектори, инспекторите за домување и другите надлежни служби да извршат засилени и строги контроли.
Ќе се проверуваат сите позиции и објекти каде што имало оштетени кровни конструкции за да се утврдат причините за истото, земајќи предвид дека, како што вели, нивното одржување треба да го имаат куќните совети.
„Сите расположливи капацитети се ставени во функција и заеднички ќе се справиме со последиците од оваа сериозна природна непогода. Градот Скопје има и свој солидарен фонд во којшто имаме обезбедено средства за обештетување на граѓаните при вакви состојби“, пишува Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.

Тој се заблагодарува на брзата и навремена реакција на екипите на јавните претпријатија, Противпожарната бригада на Град Скопје, кои, како што потенцира, веднаш по невремето ги оспособиле сите главни сообраќајници, а продолжиле со расчистување на тротоари, паднати гранки и дрвја во текот на целата ноќ.
„Вчера беше исклучително тежок ден за Скопје. Орканскиот ветер, со удари до 130 километри на час, предизвика паднати дрвја и гранки, оштетени возила, покриви, фасади, електрични водови, урбана опрема и приватен имот. Станува збор за временска непогода од размери какви што градот не памети со децении. Денес одржавме координативен состанок со скопските градоначалници и Кризниот штаб на Град Скопје, на кој ги сумираме штетите и последиците од силното невреме што го зафати главниот град. Од состанокот повторно се упатуваме на терен“, пишува скопскиот градоначалник.
Работата, нагласува, продолжува сè додека не бидат санирани последиците и не се обезбеди целосна безбедност за граѓаните.





