Тој успеа да освои 6,5 поени од 7 партии, при што единственото реми се случи во мечот од второто коло против ФМ Александар Кралевски, кој на крајот се најде на втората позиција со 5,5 поени. Третото место со по 4,5 поени го поделија ФМ Александар Качаковски и Илија Стошевски.
– Ова беше прво првенство од ваков тип и се случи благодарение на големите напори што ги вложи клубот на ветераните „Скопје 72“. Дури и да се нафатеше да го организира Федерацијата, не верувам дека ќе успееше подобро од ова. Ме радува што токму јас сум првиот шампион во оваа конкуренција, иако беше најавено и сите очекувавме уште поголема и пожестока конкуренција. Досега имам шест титули од поединечните првенства на Македонија во најсилната конкуренција, а повеќепати сум бил на делба на првото место. Жал ми е што на првенството дојдоа само 18 играчи, па затоа треба да бидат извлечени поуки и можеби следната година да се побара друг термин во календарот.
Во согласност со пропозициите, на турнирот играа само играчи на возраст над 60 години, а, според Станојоски, тој успеал да ги контролира своите позиции и да не направи грешки во цајтнот.
– Квалитетот на играта беше неспорен. Се играше на високо ниво во партии кои се со нејасни позиции. Немаше можност за опуштање, денес сите ги владеат отворањата. Со други зборови, немаше слаби противници. Можеби за мене беше за нијанса полесно во цајтнот кога се кршеше резултатот. Успевав да влечам прецизни потези и да ги контролирам мечевите – изјави Станојоски, кој активно игра и во поединечна конкуренција, но и за екипата на Алкалоид.
Кон крајот на август во Струга ќе се одиграат и првенствата на Македонија во екипна конкуренција за мажи и за жени.






