сабота, 30 мај 2026

СДСМ: Мицкоски знаел за странските државјанства на Груевски и ја лажел јавноста

СДСМ обвини дека премиерот Христијан Мицкоски знаел дека поранешниот премиер Никола Груевски поседува државјанства и пасоши од други држави, меѓу кои и унгарско државјанство, но сепак ја доведувал во заблуда јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

На прес-конференција, портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска оцени дека уште една лага на Мицкоски се распаѓа пред очите на граѓаните, додавајќи дека СДСМ со месеци предупредувал за странските државјанства на Груевски.

Според Кузеска, токму поради тоа Мицкоски изјавувал дека Груевски ќе биде уапсен, а до денес не биле испратени документи за негова екстрадиција во Македонија.

Од СДСМ посочуваат дека поминал повеќе од еден месец откако било најавено дека Министерството за правда подготвува документација за екстрадиција, но барањето сè уште не е испратено.

Кузеска оцени дека и последните изјави од Министерството за правда, според кои постапката за екстрадиција продолжува и покрај информациите за унгарското државјанство на Груевски, претставуваат обид да се создаде впечаток дека се преземаат активности.

Таа тврди дека доколку постоела вистинска волја од страна на Мицкоски и министерот за правда Игор Филков, барањето за екстрадиција ќе било испратено веднаш по најавите од унгарската опозиција дека земјата нема да биде засолниште за криминалци.

СДСМ смета дека Мицкоски и Филков не сакаат Груевски да биде екстрадиран и затоа го штитат, при што партијата бара веднаш да бидат испратени документите и да се побара негова екстрадиција.

Од партијата повикаа државата да ги искористи сите дипломатски и правни механизми за Груевски да биде изведен пред лицето на правдата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ