Од Министерството појаснуваат дека филмот не е посветен исклучиво на музичката кариера на Слаткаристика, туку преку нејзината лична приказна ја обработува темата за говорните и комуникациските потешкотии кај децата и младите. Проектот ја истражува улогата на музиката и уметноста како можни алатки за надминување на овие предизвици и испраќа порака за прифаќање, еднакви можности и општествена инклузија.
Според ресорното министерство, станува збор за тема што директно засега голем број семејства, а филмот има потенцијал да придонесе за подигнување на јавната свест и отворање поширока дебата за поддршката што им е потребна на децата со говорни и комуникациски потешкотии.
Во соопштението се наведува дека проектот веќе обезбедил значителен дел од финансиската конструкција преку спонзорства и партнерства, како и поддршка од програмата „Креативна Европа МЕДИА“, Министерството за здравство и Центарот за рехабилитација на патологија на вербалната комуникација. Средствата одобрени преку конкурсот на Агенцијата за филм, како што посочуваат, претставуваат само 1,6 проценти од вкупно распределените средства за поддржаните филмски проекти во овој конкурс.
Од Министерството додаваат дека најголемиот дел од буџетот е насочен кон проекти на автори и режисери со значајни меѓународни признанија, меѓу кои Георги М. Унковски и Јани Бојаџи, како и Тамара Котевска и Љубомир Стефанов, авторите на „Медена земја“.
Воедно, се посочува дека продуцент на „Слушни ме“ е „ОХО продукција“, која во моментов работи и на телевизиска серија и документарен филм посветени на животот и творештвото на Тоше Проески.
„Нашата обврска е да поддржуваме разновидни филмски проекти кои, покрај уметничката вредност, носат и општествена корист. Веруваме дека културата е важен механизам за отворање општествени теми, поттикнување емпатија и создавање поинклузивно општество“, наведуваат од Министерството за култура и туризам.






