недела, 31 мај 2026

Шефот на СЗО: Во Конго пет лица успешно се излекуваа од ебола, продолжуваме да работиме на вакцини

Во Конго пет лица закрепнале од редок сој на ебола, соопшти денеска шефот на Светската здравствена организација (СЗО) Тедрос Аданом Гебрејесус за време на посетата на жариштето на епидемијата.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

„Четири лица ќе бидат отпуштени денес, а едно беше отпуштено завчера“, рече Гебрејесус за време на отворањето на новиот центар за третман на ебола во Бунија, главниот град на покраината Итури, каде што се регистрирани најмногу случаи на инфекција.

Тој додаде дека лекарите сè уште работат на развој на вакцини и терапии, но тоа не значи дека луѓето не можат да закрепнат од ебола.

СЗО во петокот соопшти дека еден пациент закрепнал од вирусот бундибуџо, сегашниот сој на ебола за кој не постои одобрен третман или вакцина, што е прв случај на закрепнување за време на тековната епидемија.

Најновите податоци на СЗО покажуваат 906 проценети заразени и 223 проценети починати во Конго во новата епидемија на инфекција, додека во соседна Уганда се потврдени девет случаи, а едно лице починало.

„Лекари без граници“ соопштија дека болеста се шири побрзо од организацијата на здравствените установи и помошта од хуманитарните организации и побараа итно зголемување на тестирањето за болеста.

Опасностите со кои се соочуваат здравствените работници се зголемени од гневот меѓу локалните жители поради строгите медицински протоколи за ракување со телата на жртвите, кои се во спротивност со погребните обичаи.

Жителите извршија најмалку три напади врз здравствени центри од почетокот на епидемијата.

Лекувањето е исто така отежнато од нападите на бунтовничките Сојузнички демократски сили, единица која соработува со Исламската држава, како и од локалните милитантни групи.

Шефот на СЗО денес, за време на отворањето на нов центар за лекување во Конго, изјави дека завршувањето на епидемијата ги засега сите и дека сите треба да бидат вклучени во олеснување на ситуацијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ