Скопје и Брера баражот го играа во Битола. А херој за скопскиот тим беше Трајчевски кој најдобро се снајде во една мешаница во самиот финиш од мечот и постигна гол.
Претходно Скопје не реализираше пенал, Ангелов не погоди од белата точка.
Шкендија Арачиново по исклучително драматични пенали го испрати Пелистер во Втората лига. Мечот во регуларниот тек беше 1-1.
Шкендија водеше со гол на Назифи по осум минути игра во вториот делпо еден соло продор.
Пелистер во 66. минута промаши голема шанса за израмнување. Ивановски не реализираше пенал, Столевски го одбрани неговиот удар, а капитенот на битолчани промаши и празен гол од одбиената топка.
Сепак Петар Петковски погоди со глава во 98. минута и израмни на 1-1. Тоа беше погодок буквално во последните секунди од играта, осум минути беше покажано судиско продолжение.
Пенал рулетот донесе вистинска драма, прв кај битолчани промаши Давид Анѓелески во четвртата серија, а потоа не реализираше и Кире Ристевски, но неговиот удар беше повторен, па тогаш погоди. Во следната серија капитенот Нухија пропушти шанса да ја одведе Шкендија во Првата лига за потоа повторно да нема реализација и на двете страни.
Столевски повторно блесна во осмата серија со вкупно четвртиот одбранет пенал на денешниот меч, за потоа Дервиши да погоди за конечна радост на тимот од Арачиново.






