Од партијата велат дека Мицкоски дошол на власт со ветувања дека ќе го врати името на државата, ќе го укине Преспанскиот договор, ќе обезбеди подобри преговарачки услови со Европската Унија, поголеми странски инвестиции и подобар животен стандард за граѓаните.
Според СДСМ, најголемите обвинувања на ВМРО-ДПМНЕ биле дека македонскиот јазик, култура и национален идентитет се загрозени.
Од СДСМ посочуваат дека актуелната власт признала дека нема да го врати поранешното име на државата, додека, како што наведуваат, Мицкоски го нарекол Преспанскиот договор „ремек-дело на дипломатијата“.
Во соопштението се наведува и дека претседателката Гордана Сиљановска-Давкова признала дека јазикот, културата и националниот идентитет се заштитени, а министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски оценил дека членството во НАТО создава поволна клима за инвестиции.
СДСМ тврди дека странските инвестиции се намалени за 60 проценти, економската состојба е влошена, нема зголемување на минималната плата, а инфлацијата е повисока отколку во Европската Унија.
„Не го вратија името, не го укинаа Преспанскиот договор, создадоа конфликти со соседите и не исполнија ниту едно ветување“, наведуваат од партијата.
Од СДСМ порачуваат дека граѓаните повеќе не сакаат да ја плаќаат цената на, како што велат, изолацијата и лошите политики на власта и повторно повикуваат на распишување референдум.
„Граѓаните сами нека одлучат за својата иднина. Реформи сега. Малцинства во Уставот сега. Европа сега“, се наведува во соопштението на СДСМ.






